Израел повика на евакуација во делови од Газа

Палестинците се опростуваат од своите роднини убиени во израелското бомбардирање на Појасот Газа, во болницата во Кан Јунис, 3 декември 2023 година.

Израел со повик до луѓето кои живеат во вториот по големина град во Газа на евакуација, додека израелските сили спроведуваат копнени и воздушни акции врз милитантите на Хамас.

Израелската војска им порача на луѓето во населбите на североисточната страна на Кан Јунис да заминат од безбедносни причини, насочувајќи ги кон југ.

Кан Јунис се наоѓа во јужниот дел на Газа, каде што многу цивили побегнаа додека Израел ја започна својата кампања против Хамас во северниот дел на територијата.

Палестинците ранети во израелското бомбардирање на Појасот Газа се донесени во болницата во Деир ал Балах, 3 декември 2023 година.

И покрај испратените предупредувањата до цивилите Израел доби критики од официјални претставници на ОН кои велат дека условите во Газа со несигурен пристап до струја и интернет го отежнуваат пристапот на информации до луѓето.

Германија од Израел очекува покрај информација упатена до луѓето за напуштање на опасните области на Газа, туку и да се погрижиат тие да „најдат безбедно засолниште на друго место“.

ОН предупредија на хуманитарната ситуација во Газа. Околу 80% од населението е раселено, а многумина остануваат во преполни засолништа.

Покрај тоа што израелските трупи ги проширија операциите во регионите каде цивилите претходно бараа засолниште, имаше и загриженост за влијанието што ќе го имаат поинтензивните борби во јужниот дел на Газа врз протокот на хуманитарна помош, која доаѓа преку јужната граница со Египет.

Израелската војска соопшти дека нападнала 200 цели на Хамас во текот на ноќта, уништиле локации за операции на милитантите лоцирани во училиштата во северниот дел на Газа. Израел го обвини Хамас дека се вградува во и под болниците и другите цивилни области и ги охрабрува цивилите да ги игнорираат израелските предупредувања за евакуација пред воздушните напади, користејќи ги како жив штит. Ваквото обвинение од страна на Израел, Хамас го негираше.

Палестинците гледаат во уништеното од страна на израелското бомбардирање на Појасот Газа во Рафах, 4 декември 2023 година.

Израел обелодени дека загинале тројца нивни војници, двајца во неделата во битките во северниот дел на Појасот Газа, а другиот во централна Газа.

Најмалку 300 Палестинци се убиени по прекинот на еднонеделното примирје меѓу Израел и Хамас во петокот наутро, со што бројот на загинати во Газа од октомврискиот напад на Хамас се зголеми на повеќе од 15 200 луѓе со повеќе од 40 илјади ранети, според Министерството за здравство во Газа управувано од Хамас. Министерството вели дека 70 отсто од жртвите се жени и деца.

По прекинот на примирјето, канцеларијата на Нетанјаху објави дека му наложила на својот преговарачки тим во Доха, Катар да се врати во Израел.

Израел воената кампања за уништување на Хамас ја почна откако борците на Хамас преминаа во јужен Израел во октомври. Израел соопшти дека 1 200 луѓе биле убиени, а околу 240 заробени.

Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс – прес и Ројтерс