Израелската војска соопшти дека извршила воздушни напади во понеделникот врз позициите на Хамас низ Појасот Газа, точно една година откако нападот на Хамас врз јужен Израел предизвика војна која сега вклучува борби во Либан и стравувања од натамошен конфликт низ регионот.
Целите вклучуваа ракетни локации на Хамас. Во понеделникот Хамас соопшти дека истрелал ракети врз области во близина на неколку гранични премини во јужен Израел.
Израелската војска, исто така, соопшти дека погодила цели што ги користела милитантната група Хезболах во Либан, вклучително и напади врз Бејрут, делови од јужен Либан и долината Бека.
Ракети на Хезболах го погодија северниот израелски град Хаифа, каде според израелските медиуми, најмалку 10 лица се повредени.
Хезболах соопшти дека цел била израелска воена база јужно од Хаифа.
Пред годишнината во понеделник, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги посети војниците во северен Израел.
„Пред една година добивме страшен удар“, рече Нетанјаху, според соопштението од неговиот кабинет.
„За 12 месеци оттогаш, ја сменивме реалноста во целина. Целиот свет е восхитен од ударите што им ги давате на нашите непријатели. Ве поздравувам и ви велам: Вие сте генерација на победата“, додаде тој.
Белата куќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден во понеделник ќе ја одбележи годишнината од нападот со бдеење со свеќи.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја повтори американската поддршка за самоодбраната на Израел во телефонскиот разговор во неделата со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, се вели во соопштението на Пентагон.
Остин „ја повтори непоколебливата посветеност на Соединетите Држави за безбедноста на Израел, за прекинот на огнот во Газа и за дипломатската резолуција што им овозможува на граѓаните од двете страни на границата меѓу Израел и Либан безбедно да се вратат во своите домови“, соопшти екретарот за печат на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Милитантите предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе во напад на јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Тие, исто така, зеле како заложници околу 250 луѓе, од кои околу 100 се уште се во притвор, а околу една третина од нив се верува дека се мртви.
Во израелската воена офанзива на воздушни и копнени напади, според Министерството за здравство во Газа, загинале речиси 42.000 Палестинци, а повеќе од 97.000 биле ранети. Министерството на Хезболах не наведува колку цивили се убиени и колку милитанти, но тврди дека повеќе од половина од убиените се жени и деца.
Соединетите држави, Обединетото Кралство, Европската унија и другите западни сојузници ги означија и Хамас и Хезболах како терористички организации.
Некои информации во овој извештај се користени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.