Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел планира да продолжи со нападите на Хезболах во Либан „со полна капацитет“ додека жителите во северен Израел не можат безбедно да се вратат во своите домови.
„Нема да застанеме додека не ги постигнеме сите наши цели, меѓу кои главна е враќањето на жителите на северот безбедно во нивните домови“, им рече Нетанјаху на новинарите по слетувањето во САД пред неговиот говор на Генералното собрание на ОН в петок.
Непосредно пред неговата изјава, израелската војска соопшти дека убила командант на беспилотни летала на Хезболах во воздушен напад врз станбена зграда во предградијата на главниот град на Либан, Бејрут. Две лица загинаа, а 15 други се повредени во нападот, соопшти либанското Министерство за здравство.
Потврдата на Нетанјаху дека Израел ќе продолжи со нападите во Либан дојде кога американските и европските власти се залагаат за 21-дневна пауза во борбите меѓу Израел и Хезболах со седиште во Либан за да се одржат преговорите.
Но, претходно денеска, израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го отфрли предложениот прекин на огнот долж границата меѓу Израел и Либан, неколку часа откако Европската унија, САД, Франција и осум други нации повикаа на тринеделен прекин на борбите.
„Ќе продолжиме да се бориме против терористичката организација Хезболах со сите сили до победата и безбедното враќање на жителите на северот во нивните домови“, рече Кац на „Х“.
Предлогот за прекин на огнот дојде вчеравечер во изјава во која се вели дека конфликтот меѓу Израел и милитантната група Хезболах „е неподнослив и претставува неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“.
Во соопштението на повеќе нации се вели дека прекинот на огнот ќе овозможи преговори за дипломатско решение во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН кои повикуваат на прекин на судирите меѓу Израел и Хезболах, како и прекин на огнот меѓу Израел и милитантите на Хамас во појасот Газа.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска предупреди дека „сеопфатната војна“ ќе биде „погубна“ за Израел и Либан.
„Војна од целосен обем меѓу Хезболах и Израел може да биде погубна за двете страни“, рече Остин во Лондон. Тој додаде дека прекинот на огнот „може да се искористи и за склучување и спроведување договор за обезбедување прекин на огнот во Газа“.
Австралија, Канада, Германија, Италија, Јапонија, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, исто така, се приклучија на повикот за прекин на огнот, во кој се вели дека поширокиот регионален конфликт „не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“.
Хезболах сѐ уште не одговорил на предлогот за прекин на борбите. Либанскиот премиер Наџиб Микати дава поддршка, но неговата влада нема влијание врз Хезболах.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро вечра пред Советот за безбедност изјави дека ќе замине за Бејрут подоцна оваа недела за да работи со локалните засегнати страни на дипломатско решавање на конфликтот.
Случувањата доаѓаат по некои од најсмртоносните денови во Либан од крајот на неговата граѓанска војна во раните 1990-ти.
Израелската војска денеска соопшти дека веќе извршила воздушни напади врз 75 цели на Хезболах во јужен и источен Либан и дека продолжува со нови напади. Израел, исто така, открил околу 45 проектили кои преминале на негова територија од Либан, соопшти војската.
Либанската државна новинска агенција објави дека израелски напад во близина на градот Баалбек погодил зграда во која се сместени сириски работници, при што загинале 23 лица, а 8 се ранети.
Либанските здравствени власти соопштија дека во вчерашните израелски напади загинале 50 луѓе, со што бројот на загинати од понеделникот се искачи на повеќе од 630 луѓе, а повеќе од 2 илјади се ранети.
„До сите страни, со еден јасен глас да кажеме: Стоп за убиствата и уништувањето. Намалете ја реториката и заканите. Спречете катастрофа“, изјави вчера генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пред Советот за безбедност. „По секоја цена мора да се избегне сеопфатна војна. Тоа сигурно би било сеопфатна катастрофа“.
Копнена инвазија?
Шефот на израелската армија вчера рече дека неговите војници треба да бидат подготвени за можна копнена инвазија на Либан, бидејќи израелските борбени авиони трет ден по ред бомбардираа цели на милитантите на Хезболах и милитантите лансираа балистичка ракета насочена кон седиштето на израелската разузнавачка агенција Мосад во близина на Тел Авив. Израел го собори проектилот.
Хезболах ја прекина релативната смиреност долж границата по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа. Израел вели дека Хезболах оттогаш истрелал речиси 9 илјади ракети врз заедниците во северен Израел. Милитантната група вели дека делува во солидарност со Палестинците и сојузникот Хамас, поддржан од Иран. Во борбите загинаа 49 луѓе во Израел, заедно со стотици во Либан, а десетици илјади се раселени од двете страни на границата.
Израел, исто така, наведе дека активирале резервни трупи како одговор на борбата против милитантите на Хезболах поддржани од Иран.
Војната во Газа започна со нападот на Хамас во октомври 2023 година врз јужен Израел, во кој палестинските милитанти убија околу 1 200 луѓе и земаа околу 250 заложници. Тие сè уште држат околу 100 заробени лица, од кои една третина се верува дека се мртви.
Во израелските воздушни и копнени напади загинаа повеќе од 41 400 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, а израелската војска соопшти дека во бројот на загинатите има илјадници борци на Хамас.
Хамас е прогласен за терористичка група од САД, Велика Британија, Европската унија и други. Хезболах, исто така, од САД е назначена како терористичка група.
Дописничката на Гласот на Америка од ОН, Маргарет Бешер, и дописникот за национална безбедност Џеф Селдин, дадоа свој придонес во овој извештај. Некои информации се од Асошиетед прес, Франс – прес и Ројтерс.