Претседателот Џо Бајден проектираше оптимизам во неговото трето обраќање пред Конгресот и пред целата нација. Ги убедуваше Американците дека е вистинскиот човек за работата повикувајќи се на искуството и мудроста наспроти неговиот претходник и сегашен веројатен ривал за функцијата. Бајден го критикуваше поранешниот претседател Доналд Трамп речиси од самиот почеток на говорот. Зборуваше повеќе од еден час опфати многу прашања кои го засегаат просечниот граѓанин. Ова беше еден од неговите подобри настапи, што сепак остави половина од Конгресот рамнодушен, како што всушност се очекуваше.
Your browser doesn’t support HTML5
Во првите минути од своето обраќање во Конгресот, претседателот Џо Бајден рече дека демократијата и слободата дома и во странство се на удар. Тој повика на деблокирање на помошта за Украина, за да се запре Путин кој рече “сее хаос низ Европа и пошироко“.
„Ако некој во оваа просторија мисли дека Путин ќе застане во Украина, ве уверувам, нема, рече тој. Но, Украина може да го запре Путин ако застанеме со Украина и го обезбедиме оружјето кое и е потребно за да се одбрани, порача американскиот претседател.
Големо прашање во САД сега е правото на абортус и Бајден вети дека во наредниот мандат ќе го врати тоа право. Претседателот Бајден во својот говор рече дека оние кои се фалат за поништување на заштитата од абортусот „немаат поим за моќта на жената“. Тој и се заблагодари на потпретседателка Харис за нејзината работа во бранење на репродуктивната слобода.
Од говорницата во Конгресот, претседателот Бајден говореше за неговите успеси во областа на економијата. Во последните 50 години невработеноста во државата е на најниско ниво, рече тој, но истовремено предложи зголемување на даноците за милјардерите - пари за кои на многу начини се заложи да бидат вратени кај оние со помали примања.
За војната меѓу Израел и Хамас во Газа, Бајден рече дека неговата администрација интензивно работи на воспоставување итен прекин на огнот што ќе трае најмалку шест недели.
„Заштитата и спасувањето невини животи мора да биде приоритет. Додека гледаме кон иднината, единственото вистинско решение е решението за постоење на две држави“, подвлече Бајден.
Годишното обраќање во Конгресот, Бајден го заврши зборувајќи за неговата возраст.
„Мои сограѓани Американци, проблемот со кој се соочува нашата нација не е колку години имаме, туку колку стари се нашите идеи?“, порача Бајден.
Одговорот на обраќањето на претседателот Бајден од републиканската партија го донесе најмладата сенаторка од Алабама, Кејти Брит која го обвини претседателот Бајден дека ја создал кризата со имигрантите поради суспедирањето на сите депортации, но и запирањето на изградбата на граничен ѕид долж границата со Мексико. Брит рече дека Америка заслужува лидер кој ќе обезбеди сигурни граници, стабилна економија, безбедни улици и силна одбрана.
Од утре претседателот заминува низ државата да ги промовира идеите за подобрување на животот на Американците што ги начна во годишното обраќање пред Конгресот. Малкумина веруваат дека она што го кажа ќе промени нечие мислење. Анкетите покажуваат дека најголем дел од Американците се определени за кого ќе гласаат на ноемвриските избори. Борбата се чини е за малцинството неопределени, што за волја на вистината, може да биде одлучувачко.