Издавач на таблоид вели дека не објавувал текстови за да му помогне на Трамп политички

Случајот во Њујорк е едно од четирите кривични обвиненија со кои се соочува поранешниот претседател на САД

Поранешниот издавач на таблоиди Дејвид Пекер изјави пред поротата на кривичното судење на Доналд Трамп во Њујорк дека Трамп го повикал на состанок во август 2015 година за да види како Пекер може да „помогне на кампањата“.

Таа последователна дискусија, рече Пекер, го навела да ги „убие“ текстовите поврзани со секс кои би му наштетиле во изборната трка на Трамп за Белата куќа во 2016 година.

Во еден пример, Пекер им кажа на поротниците дка неговиот таблоид, National Enquirer, ја убил приказната за Дино Саџудин, вратар на имотот на Трамп во Њујорк, кој тврдел дека магнатот за недвижнини имал вонбрачно дете.

Пекер сведочеше дека му платил на вратарот 30.000 долари, иако по понатамошна истрага се покажа дека неговата приказна е лажна.

Пред да заврши судската седница, Пекер почна да сведочи за тоа како платил 150.000 долари за правата за тврдењето на Карен Мекдугал, дека имала повеќемесечна афера со Трамп.

Во првото кривично судење на поранешен претседател на САД, Трамп е обвинет дека планирал да ги сокрие плаќањата на Саџудин и двете жени, Мекдугал и порноактерката Сторми Даниелс, за да ги спречи жените јавно да зборуваат за нивните наводни афери со Трамп пред изборите во 2016 година.

Трамп ги негираше нивните тврдења.

72-годишниот Пекер рече дека се познавал со Трамп уште од 1980-тите, но на почетокот не ја знаел целта на состанокот во 2015 година во Њујорк, кога му се јавил некогашниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен.

Пекер рече дека му било драго што помагал бидејќи „пишувањето позитивни приказни за г-дин Трамп и покривањето на изборите и пишувањето негативни приказни за неговите противници“ им помогнало на двајцата, зголемувајќи ја продажбата на таблоидот, а истовремено било во корист на кампањата на Трамп.

Но, тој му призна на обвинителот дека необјавувањето текстови што би му наштетиле на Трамп само му помогнало на кандидатот, а не на таблоидот.

Пекер претходно го опиша Трамп „како многу ориентиран кон деталите, речиси како микроменаџер од она што го видов. Тој ги разгледа сите аспекти на што и да беше проблемот“.

Купувањето информации за потоа да не се објави некој текст не е нормална практика во американското новинарство.

Трамп е 45-тиот претседател на САД и претпоставениот републикански претседателски кандидат на изборите во ноември.

Случајот во Њујорк е едно од четирите кривични обвиненија со кои се соочува Трамп, опфаќајќи 88 точки, кои тој ги отфрли.

Сепак, судењето за премолчување на пари може да биде единственото што се случува пред изборите на 5 ноември, на кои тој ќе се соочи со претседателот Џо Бајден, демократот кој го победи на изборите во 2020 година.