„Државите од Југоисточна Европа се соочуваат со сериозна закана“ и „Балканот е првиот регион на Европа што се наоѓа на крвавата мапа на таканаречениот Исламски калифат“, оцени претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето на синоќешната средба на Советот за безбедност на ОН, посветена на заканата што ја претставуваат странските терористички борци.
На состанокот, со којшто претседаваше американскиот претседател Барак Обама и на којшто се обратија 50-тина државници, Иванов рече дека засега, Балканот не е база за операции на меѓународни терористички мрежи, но дека заканата не е привремена, туку постојана.
„Не смееме да ги исклучиме како невозможни болните сценарија и вербалните закани од странските борци за создавање на таканаречен Балкански калифат. Ние сме под постојана закана. Нашиот регион и нашите држави не се подготвени за оваа опасност“, рече првиот човек на македонската држава.
Иванов понуди три решенија. Како прво, оцени дека Македонија е блокирана да стане членка на НАТО и ЕУ и дека тоа создава несигурност и нестабилност на Балканот, а и го повика Советот за безбедност да ги почитува своите резолуции и одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Второ, побара ЕУ да не го одлага проширувањето на Балканот затоа што „си создава проблем на сопствена територија“. Трето, предложи да се формира Регионален центар за контратероризам во земјите од Западниот Балкан.
Советот вчера едногласно усвои резолуција со којашто државите се обврзани да донесат закони за санкционирање на патувањето во странство за борба со милитанти или пак регрутирање на лица за таа цел.