Иванов со одлука за аболиција на политичари против кои се води истрага и еден кој издржува затворска казна

Your browser doesn’t support HTML5

Вели дека има намера да придонесе за решавање на кризата и релаксирање на односите, како и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска попладне изјави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна. Во обраќањето шефот на државата рече дека одлуката е во интерес на државата за да се стави крај на политичката криза.

„Со намера да придонесам за решавање на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија“, изјави претседателот Иванов.

Претседателот одлуката ја потпишал денеска, велејќи дека тој стои зад неа. Одлуката стапува на сила, веднаш. Дел од опозициските партии како и невладини организации за денеска најавија протести и собири во Скопје против ваквата одлука на Иванов. „Бараме повеќе детали и појаснување. Сепак, изјавата на претседателот покренува сериозна загриженост околу заложбата на Македонија за владеење на правото“, се вели во реакцијата од Амбасадата на САД во Скопје.