„Ајде потиснете ги вашите фрустрации“, порача претседателот Ѓорге Иванов во последното годишно обраќање како претседател на Македонија.
Разликите меѓу шефот на државата од една и Владата и владејачкото мнозинство од друга страна, не се намалија ниту денеска во Парламентот.
Иванов, ги повтори своите ставови за Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија, како и за Законот за јазици кои ги нарече три предизвици за државноста.
Голем дел од обраќањето потроши на процесот за името, референдумот и уставните измени.
„Единствено народот има право да избира како ќе се вика, кој јазик ќе го зборува. Затоа Владата побара народот да се изјасни за сопствено самоукинување. Изборот беше лажен – просперитет или идентитет, демек постои едното без другото“, рече Иванов.
Според него, Владата влегла во пазар со оние што го негираат минатото на македонскиот народ и кажа дека исходот од референдумот бил таков зашто граѓаните увиделе дека се уценети и оти проработел имунитетниот систем на државата.
Не го заборави ниту Законот за јазиците, што во два наврата одби да го потпише.
„Законот за јазиците го крши Уставот и е донесен надвор од процедурата. Ќе ја блокира државата“, истакна Иванов.
Иванов, денеска се обрати за последен пат како претседател. На 12 мај му завршува вториот мандат.