Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Белели најави директна поддршка во решавање на кризата, дури и на владино ниво, во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата во земјата.
Белели, за Гласот на Америка, изјави оти Италија може да се вклучи во процесот во секој момент.
„ Ова ќе зависи од развојот на ситуацијата, за да се одбегне конфузија или поклопување со активностите на партиите. Потребно е итно решение, бидејќи политичката нестабилност се одразува врз државата, а штетата што ја предизвикува врз економијата и општеството ќе ја плати народот“, вели Белели.
Тој смета дека без исполнување на договорот од Пржино нема кредибилност на изборниот процес ниту на евроатлантската перспектива на земјата.
Според него, стожерите на овој договор се кредибилен Избирачки список, независни медиуми, независно работење на специјалниот обвинител и итни реформски приоритети, а денот на изборите е само крај на процесот.
„ Со цел да се постигне одржливо решение, потребен е договор меѓу четирите партии. Според мое мислење, најдобро решение е она што ќе го реши проблемот со изборите во рамки на договорот од Пржино. Идејата на овој договор е да создаде процес кој ќе доведе до фер и демократски избори. Таа идеја треба да се сочува за да ги гарантира кредибилноста на процесот и евроатлантската перспектива“, вели Белели.
Италијанскиот амбасадор нагласува дека улогата на граѓанското општество во оваа ситуација е многу важна бидејќи го покажува созревањето на македонското општество.
На Шарената револуција, пак, Белели и` порачува:
„Најдобар начин да се пренесе пораката на шарената револуција е таа да биде мирољубива. Соочени со мирни демонстрации, политичките партии ќе бидат принудени да ги земат предвид нивните барања“.
Тој потсетува дека минатата недела Државната изборна комисија испрати барање до Парламентот за изедначување на изборните единици, и според него логично е Собранието да се состане и да расправа по прашањето.
Италијанскиот амбасадор, заедно со амбасадорите на САД, ЕУ, Франција, Германија и на Велика Британија, беше активно вклучен во поддршка на партиите за постигнување на политичкиот договор во јуни и јули минатата година.