Италијанскиот рибар Партенико Винченцо едно утро во 2022 година бил на море кога забележал брод со 24 мигранти од Африка кои се обидувале да преминат во Европа. Тој отпловил до бродот и тогаш мигрантите скокнале на неговиот чамец. Вели, не можел ништо друго да направи освен да им помогне.
„Размислував за нивните семејства. Размислував многу за фактот дека ние сме само еднаш на оваа земја и мораме да си помагаме. Се обидов да направам сѐ што можев“, вели Винченцо.
Винченцо не е единствениот жител на Лампедуза кој случајно спасувал мигранти во ова море. Рибарите овде, заедно со италијанските власти, речиси секој ден собираат мигранти. Околу 95 000 мигранти пристигнале на Лампедуза во една година, почнувајќи од 1 јуни 2023 година.
Од јануари, италијанската влада воведе нова политика за да се обиде да го запре бројот на мигранти. Италија се надева дека планот ќе ги редефинира нејзините односи со Африка, ќе го стимулира развојот и ќе создаде работни места и ќе ги одврати мигрантите од идејата да ја напуштат земјата на потекло.
„Токму ова е користење на јавните средства за подобрување на инвестициската клима. На Африка и се потребни инвестиции“, вели Мадалена Прокопио од Европскиот совет за надворешни релации.
Решавањето на нерегуларната миграција е главна грижа за италијанската премиерка Џорџија Мелони, која треба да ги смири екстремно десничарските гласачи кои ја донесоа на функцијата пред две години.
Ако успее, аналитичарите велат дека пристапот предводен од развој може да стане модел и за остатокот од Европа.
„Ниту една поединечна европска земја не може да се натпреварува со другите меѓународни играчи како што се Кина, и земјите од Персискиот залив“, додава Прокопио.
Назад во Лампедуза, која е поблиску до Тунис и Либија отколку со континентална Италија, активистите велат дека нешто мора да се промени.
„Затоа што овие години не треба луѓе да патуваат низ Средоземното Море. Тоа е толку опасно и ризично – има многу луѓе кои ги губат своите животи, роднини или пријатели“, посочува Матилда Ецако.
Ецако не се согласува со актуелната политика на Италија и другите нации во Европа кои ги финансираат безбедносните сили во африканските држави кои ги туркаат мигрантите.
Винченцо вели дека би сакал да види поголема соработка за да се стави крај на премините во опасните мориња и да се намали притисокот врз жителите на Лампедуза.
„Според мене, многу е нормално да ги нема овие смртни случаи, и ако може сите да постигнат договор, убеден сум дека може да се избегнат многу смртни случаи“, посочува рибарот Винченцо.
Официјални лица велат дека минатата година повеќе од 3 000 луѓе загинале при обидот да го преминат Медитеранот. Активистите веруваат дека многу други случаи останале непријавени.