Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оствари огромна внатрепартиска победа над противкандидатот Гидеон Саар, освојувајќи повеќе од 72% од гласовите. Гласањето му дава предност на Нетанјаху на третите парламентарни избори во Израел закажани за почетокот на март.
„Ова е огромна победа. Благодарам на членовите на Ликуд за довербата и поддршката“, рече Нетанјаху во пораката до приврзаниците, ветувајќи дека ќе го доведе Ликуд „до голема победа на претстојните избори и дека ќе продолжи да ја води државата Израел кон досега невидени достигнувања“.
Саар се сметаше за прв сериозен предизвикувач на Нетанјаху во текот на 10 години додека тој ја води владејачката партија Ликуд.
Нетанјаху, исто така, неодамна стана премиер со најдолг стаж во Израел. Огромната победа укажува на фактот дека тоа што Нетанјаху е обвинет во три случаи на корупција не ја намали неговата поддршка во Ликуд.
Во последните два изборни циклуси, Нетанјаху водеше кампања омаловажувајќи ги медиумите и правосудниот систем обвинувајќи за „лажни вести“. Тој ги опиша истрагите против него како смешни, повторувајќи „нема да има ништо (нема обвинение) затоа што нема ништо“.
Сè уште не е јасно кога ќе започне судскиот процес во кој Нетанјаху е обвинет за корупција. Тој инсистираше на тоа дека може да биде премиер и истовремено да се брани на суд.