Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како што се зголемува бројот на мртви.
„Мораме, и ја повторувам молбата, мораме да постигнеме итен прекин на огнот“, рече Гутереш на специјална седница на Генералното собрание, која беше свикана на барање на арапски и муслимански држави.
Тој рече дека е потребно итно да се деескалира насилството, со цел да се спречи „несовладлива прекугранична безбедносна и хуманитарна криза“.
„Дури и војните имаат правила. Прво мора да се заштитат цивилите“, рече Гутереш.
Бројот на загинати во Газа изнесува 230, вклучувајќи 65 деца, според локалните здравствени лица, и 12 во Израел, согласно информациите од властите. Повеќе од 58.000 Палестинци во Газа се раселени.
„Ако има пекол на земјата, тоа е животот на децата во Газа денес“, рече Гутереш, повикувајќи ја меѓународната заедница да им помогне на страните да го обноват мировниот процес.