Нападот во Парламентот е закана и за новинарите

Your browser doesn’t support HTML5

Според извештајот за одржливост на медиуми на ИРЕКС, Македонија има 1,5 поени од вкупно четири, што ја прави ситуацијата во државата слична како во Азербејџан

Нападите што се случија во Парламентот се директна закана врз демократијата и врз слободата на печатот, смета Џесика Лејн од организацијата ИРЕКС во Вашингтон.

Таа порача дека треба да се повикаат на одговорност сите што направиле криминал и им се заканувале на новинарите.

„Фактот што и новинарите беа нападнати и оневозможени да ја вршат нивната работата слободно и независно, без физичка закана, е сериозно загрижувачки сигнал за демократијата во Македонија“, рече таа.

Лејн вели дека инциндентот минатата недела ја открил слабоста на институциите, која била адресирана и во последниот извештај на „Фридом хаус“ за слободата на печатот.

Два клучни фактори придонесуваат за недостиг на медиумска слобода во Македонија. Едниот е политичко влијание врз медиумите, а вториот се физичките напади и опструкциите врз новинарите, за да се спречат во вршење на нивната работа“, објаснува Лејн.

Според извештајот за одржливост на медиуми на ИРЕКС, Македонија има 1,5 поени од вкупно четири, што ја прави ситуацијата во државата слична на онаа во Азербејџан.

„Во Македонија има сериозен политички притисок врз новинарите, кој се гледа преку рекламирањето и тесните политички врски на сопствениците на медиумите. Тоа води до самоцензура, и ги прави новинарите да се грижат повеќе за потребите на политичарите, отколку за народот“, смета Лејн.

Таа порача новинарите да се солидаризираат меѓусебе, а граѓанското општество да продолжи да се бори за слобода на печатот.

Ситуацијата со медиумите во Македонија ја коментира и Џенифер Данам, директорка во „Фридом хаус“.

„Најдобриот извор на информации во државата доаѓа преку интернетот. Владите најмногу имаат навлезено во печатените и во електронските медиуми, каде имаат најголема контрола“, изјави Данам.

Дел од фотографиите во извештајот се обезбедени од организацијата IREX