Ирска одржува референдум за абортусот

Сегашните закони дозволуваат абортус само во случаи кога е загрозен животот на мајката

Гласачите во Ирска денеска ќе одлучат дали да го задржат или укинат уставниот амандман што го забранува абортусот во повеќето случаи.

Постојниот амандман беше воспоставен во 1983-та година и првично ги забрануваше сите абортуси. Законот беше променет пред пет години, за да овозможи абортус во случај кога животот на мајката е во опасност.

Ако гласачите одлучат понатамошно олеснување на законите, владата на премиерот Лео Варадкар планира до крајот на годината да предложи легислатива со која ќе се дозволи абортус без ограничувања до 12 недели во бременоста.

Неодамнешните испитувања на јавното мислење покажуваат дека повеќето од анкетираните поддржуваат укинување на забраната за абортус.

Илјадници жени секоја година патуваат од Ирска во Велика Британија за прекинување несакана бременост.