Провладини ирачки паравојници користеле оружје од странски земји

Според групата за заштита на човековите права, паравојниците извршиле воени злосторства, како арбитражни убиства и тортура.

Во денеска објавен извештај на Амнести интернешнал се вели дека паравојници поврзани со ирачките трупи, извршуваат воени злосторства со оружје на ирачката армија, обезбедено од најмалку 16 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Иран.

Групата за заштита на човековите права вели дека паравојниците, коишто претежно се шиитски муслимани главно се познати како Хашид Шаби. Амнести додава дека тие извршиле воени злосторства, како арбитражни убиства и тортура, користејќи оружје од ирачките воени залихи.

„Меѓународните снабдувачи со оружје, вклучувајќи ги САД, европските земји, Русија и Иран, мора да бидат свесни за фактот дека сите трансфери на оружје во Ирак, со себе носат реален ризик да завршат во рацете на паравоени организации со долга историја на прекршување на човековите права", вели Патрик Вилкен, истражувач во Амнести.

Вилкен смета дека земјите кои сакаат да му продаваат оружје на Ирак, најпрво треба да воведат строги мерки, за да обезбедат дека паравојниците нема да го употребат оружјето да ги прекршат човековите права.

Амнести интернешнал вели дека наодите се базирани на околу две ипол години истражување и анализи на фотографии и видео материјал. Групата воедно направила и интервјуа со десетина поранешни затвореници, сведоци и роднините на загинати или исчезнати лица.

Портпаролот на Хашид Шаби, не одговори на барањата за коментар.