Ирачката влада соопшти дека започнала офанзива за заземање на западната провинција Анбар, којашто е под контрола на милитантите на Исламската држава (ИД).
Владиното соопштение преку државната телевизија уследи помалку од две недели откако припадниците на ИД го зазедоа главниот град на провинцијата, Рамади. Оттогаш, ирачките сили и провладините милиции се собираа источно од градот, подготвувајќи се за офанзива за преземање на претежно сунитската провинција.
Анбар е главно пустинска област. Се протега западно од Багдад, па се` до ирачките граници со Јордан, југоисточна Сирија и северозападна Саудиска Арабија. Милитантите на ИД контролираат поголем дел од Анбар уште од лани, вклучувајќи ги и поголемите градови како Фалуџа.
Премиерот Хајдер ал-Абади во интервју за Би-Би-Си, емитувано вчера, кажа дека Рамади ќе биде заземен за неколку дена и дека има доверба во способноста на ирачките војници.
Американскиот потпретседател Џо Бајден вчера по телефон разговарал со Ал–Абади, во обид да ги измазни односите по изјавата на секретарот за одбрана Ештон Картер во којашто ја доведе во прашање волјата за војување на ирачките војници. Тие се повлекоа од Рамади кога милитантите на ИД започнаа да навлегуваат во градот.
Белата куќа изјави дека Бајден ја реафирмирал американската поддршка за Ирак во битката против ИД и дека ја „уважил огромната пожртвуваност и храброст на ирачките војници“ во Рамади и насекаде во земјата. Тој се заложил дека САД ќе ја забрзаат обуката и доставата на опрема.
Вчера, виш претставник на американската влада се обиде да ја појасни изјавата на Картер, дека конкретно се однесувала на битката во Рамади и дека Ирачаните самите признале дека има пропусти во системот на армиско командување, планирање и засилување.