Иранската влада е под силна критика од страна на демонстрантите кои излегоа на улиците да го искажат своето незадоволство во најголемите протести по востанието од 2009-та година, наваму.
Демонстрациите се поттикнати од невработеноста, инфлацијата и недостатокот на промени по укинувањето на меѓународните санкции кон државата во 2015-та година. Учесниците го искажуваат незадоволството од иранските лидери, а во некои случаи, дури и ја фалат владата која беше срушена во револуцијата во 1979-та година.
Иранската влада е позната и како Исламска република, хибрид на теократија раководена од исламот и република, предводена од претседател избран на избори. Според Книгата на светски факти на ЦИА, Иран е класифициран како „теократска република“.
Сегашниот претседател Хасан Рухани, е критикуван поради тоа што не успеа да ги насочи новите средства кои сега се достапни на Техеран за контрола на инфлацијата и за создавање на нови работни места.
Меѓутоа, над претседателот е врховниот лидер на Иран - позиција која му се дава на исламски теолог, во моментов на Али Каменеи, кој има власт над бројни назначувања во владата, како и во Собранието. Собранието на експерти, е група на исламски теолози кои го изучиле толкувањето на исламскиот закон, познат како шеријат.
Али Каменеи е вториот врховен лидер на Иран. Првиот, Рухолах Комеини, владееше со Иран од револуцијата во 1979-та година се до неговата смрт во 1989-та година.
Врховниот лидер е шеф на државата и најмоќна личност во владата. Тој назначува голем број врвни владини функционери, вклучувајќи команданти на вооружените сили, директор на државната радио и телевизија и членовите на советите за национална безбедност.
Врховниот лидер исто така е овластен за креирање на генералната политика на Исламската Република и да го надгледува нејзиното спроведување. Тој издава декрети за национални референдуми, ја презема командата на вооружените сили, ги разрешува разликите помеѓу различните родови на вооружените сили, потпишува декрети за избори, помилува или ги намалува казните на осудениците и го разреши претседателот во случај на гласање за импичмент.
Врховниот лидер донесува конечни одлуки за економијата, животната средина, надворешната политика, образованието, демографијата и транспарентноста на изборите.
Претседателот на Иран ја поставува „републиката“ во „Исламската република“. Претседателот - во случајот Рухани – се бира на избори. Претседателот може да биде избран два пати на функцијата, во период од четири години, но тој одговара пред врховниот лидер. Умерениот претседател Рухани беше избран во 2013-та година, и го наследи тврдокорниот Махмуд Ахмединеџад, кој беше на функцијата два мандати. Рухани беше реизбран во 2017-та година.
Моќта на претседателот вклучува раководење со извршна власт, но тој одговора пред врховниот лидер. Претседателот е заменик-командант на вооружените сили, прогласува вонредни состојба, претседава со Советот за национална безбедност и врховниот совет на културната револуција, назначува потпретседатели, номинира членови на кабинетот, прима странски амбасадори, издава извршни наредби, издава медали за воени заслуги и издава претседателски помилувања.
Иран, исто така има и парламент, познат како Исламско консултативно собрание. Неговите членови можат да донесуваат закони за сите прашања што се дозволени со Уставот, но не може да донесе закон кој е во спротивност со принципите на исламот.
Извештаите велат дека поголем број од актуелните протести се насочени кон Рухани, кои многумина го сметаат за корумпиран, исто како и врховен лидер Каменеи.
Демонстрантите велат дека Техеран треба да троши помалку пари на други места, како што се Сирија и Либан, и да ги насочи парите за создавање на работни места и подобрување на економската ситуација дома. Експертите исто така забележуваат дека во протестите учествуваат и жени, кои бараат еднакви права.