Иран и светските сили на преговори во Виена

Иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф, непосредно пред преговорите во Виена

Договорот за иранската нуклеарна програма треба да биде постигнат најдоцна до 20-ти јули

Во време кога делегациите на Иран и на шест светски сили пристигнаа во Виена на последната, маратонска рунда на преговори, иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф изјави дека е подготвен да преземе конкретни чекори за да обезбеди нуклеарната програма на земјата да остане мирољубива, но кажа дека „нема да падне на коленици и да се потчини“.

Во порака на Јутјуб, Зариф ги повика преговарачите на меѓусебно разбирање, за да не се дозволи ситуацијата да ескалира.

Мора да биде постигнат конечен договор најдоцна до 20-ти јули, оти во спротивно пости ризик преговорите да се оддолжат и да станат потешки. Минатиот месец, обидот да се стопира иранската нуклеарна програма во замена за подигнување на санкциите на ОН и западните земји, заврши во ќорсокак.

Покрај Иран и САД, во преговорите учествуваат Британија, Кина, Франција, Германија и Русија.

Државниот секретар Џон Кери во коментар објавен во Вашингтон пост наведе дека иранските водачи имаат избор „да се согласат на чекорите што се неопходни светот да добие уверување дека нуклеарната програма на нивната земја ќе биде исклучиво мирољубива“, или да ја прокоцкаат историската шанса да стават крај на иранската економска и политичка изолација, со тоа подобрувајќи го животот на нивните луѓе.

Иран инсистира дека нуклеарната програма е наменета единствено за цивилни потреби.