Детските бракови најчести кај сиромашните семејства

  • Синиша Станковиќ
Соња Таневска, помошник-претставник на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Скопје, во интервју за Гласот на Америка зборува за причините за оваа појава, и што прави државата за нејзино спречување

Какви се согледувањата на УНФПА за раните детски бракови во Македонија? Имате ли компаративни податоци каква е ситуацијата во Македонија во однос на соседните држави?

Бракот, во кој еден од сопружниците е помлад од 18 години, се нарекува ран или детски брак. Во нашата земја, ваква можност е регулирана за лица над 16 години, со дозволи кои се потребни од родителите, старателите и институциите. Сепак, раните бракови се присутни, а најчесто се работи за помлада возраст на девојката. Официјалната статистика ги бележи официјално склучените бракови, а повеќето малолетнички бракови се нерегистрирани, односно неформални. Кога ќе се земе предвид ваквото ограничување на статистиката, постои голема варијација на раните бракови во регионот на Европа. Според анализата на официјалните податоци од различните држави што ја направи УНФПА, стапката на регистрирани бракови со возраст на невестата од 15-19 години е највисока во Албанија (27.25%), па во Турција (23 %), а најниска во Украина (2.2%) и Србија (5.9%).

Во нашата земја, оваа стапка е вообичаено помеѓу 11 и 13 проценти. Мала е бројката на регистрирани склучени бракови на девојки на 16 и 17 години во нашата земја. Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2016-та година, 118 бракови биле склучени со невеста на 16 години (42 случаи), и на 17 години (76 случаи).

Како влијае малолетничкиот брак на долгорочното здравје на малолетничките?

Овие девојки, во текот на раниот репродуктивен период до 19 години, веќе имаат неколку деца, две или три, и со тоа ја губат можноста да завршат училиште, да учествуваат на пазарот на трудот, и да се вклучат во општеството. Физичката незрелост кај девојчињата, кои имаат деца води до почеста појава на компликации поврзани со бременоста па така, бременоста и компликациите поврзани со неа, се најчеста причина за смрт кај девојките на возраст од 15-19 години во земјите во развој. Ризикот кај мајките на возраст од 15-19 години да починат за време на породувањето е двојно поголем од жените на возраст од 20-24 години. Глобалните истражувања, покажуваат дека бременоста во рана возраст остава последици и по новороденчињата, бидејќи новородените од млади мајки, почесто се раѓаат предвремено и се со пониска родилна тежина. Раните бракови често се случуваат во средини кои се карактеризираат со емотивен притисок од блиските и подалечните роднини, како и со закани, па дури и со насилство, во случај на непослушност на младата девојка.

Раните бракови често се проследени со сексуално, физичко или психичко насилство. Типично, младите девојки се селат да живеат со семејството на сопругот. Ова значи дека тие ја заземаат најниската позиција во семејството, и го преземаат најголемиот дел од домашните, неплатени обврски, како и грижата и негата, не само за сопругот, туку и за останатите членови на семејството. Дополнително, поради незавршено образование, и поради тоа што семејството ги спречува да најдат платена работа, младите девојки кои се обидуваат да ја напуштат ваквата заедница имаат многу малку опции и не се во можност да си помогнат самите на себе.

Кои се основните причини за малолетниците да стапуваат во брак во Македонија и во регионот?

Детските бракови обично се појавуваат меѓу најсиромашните семејства, затоа што таквите семејства имаат многу деца, живеат на работ на сиромаштијата, не можат да ги издржуваат сите деца, и за жал, во одредени семејства, сè уште преовладува верувањето дека само машките деца треба да добијат образование, но не и женските. Раните бракови се екстремно комплексни појави, врз кои влијаат социјалните и економски состојби во локалниот контекст, како и културните, социјалните и верските ставови кон родовите улоги, сексуалноста и соодветната возраст за имање деца. Сепак, во суштина се работи за родова дискриминација, давање на помало значење на образованието на девојките и нивната идна улога во општеството, покрај имањето деца и домашната работа. Вкрстувањето на социјалната исклученост, традицијата, сиромаштијата и други фактори, како на пример, рурална средина и воен конфликт, придонесуваат за одржување на кругот на родова дискриминација и маргинализирање на жената.

Какви се предлозите и препораките на УНФПА за надминување на проблемот? Какви се Вашите препораки за потребата од сексуална едукација на младите?

Целосната соработка и координацијата меѓу кривично-правниот, системот за социјална заштита и здравствениот систем, треба да биде законски обврзувачка. Правата на децата треба да бидат јасно дефинирани во подзаконските акти, така што може да се препорача вклучување на посебни мерки во стратешките документи. Меѓусекторската соработка на одделни институции потребно е да се интензивира, и покрај фактот што е делумно воспоставена преку усвоените протоколи за заемна соработка помеѓу надлежните институции.

Поефикасно процесуирање на случаите. Последователно на ова сторителите треба да се гонат ефикасно во случаите кога полнолетен живее во обичаен брак со дете под 16-годишна возраст. Да се зголеми поддршката и заштитата на децата жртви. Во контекст на етничко профилирање и стереотипизирање на детските бракови, односно општо прифатеното мислење дека истите се случуваат предоминантно само кај одредена етничка заедница, потребно е да се работи на зголемување на сензибилноста на стручната јавност. Генерално, има потреба од надоградување на програмите за унапредување на капацитетите на стручните лица во сите институции кои работат со овој проблем. Спроведување национално истражување за малолетничките бракови, заради креирање идни мерки и поефикасно справување со проблемот. Да се организираат кампањи за подигање на свеста за последиците од детските бракови. Конкретно, кампањите за подигање на свеста треба да ја земат предвид културната разновидност, и да се осврнат на традициите на етничките групи заради надминување на штетните последици врз здравјето и развојот на девојчињата и повредата на правата. Да се воведе сеопфатно сексуално образование во образовниот систем на сите нивоа, за да им се овозможи на децата и младите да стекнат точни сознанија за своето сексуално и репродуктивно однесување. Да се обезбеди достапност и пристапност на здравствени услуги, особено гинеколошки и педијатриски, советување за планирање на семејството и бесплатна контрацепција во заедниците што се најзасегнати од детски бракови, како и во руралните подрачја. Државата треба да ги зајакне законите што се однесуваат на детските бракови на возраст од 16 до 18 години. Треба да се развијат ефективни контролни механизми и правни постапки за напуштање на оваа традиционална практика.

Какво влијание има малолетничкиот брак во однос на образованието на брачните партнери? Како влијае врз девојчињата и момчињата?

И покрај законската обврска родителите да ги запишуваат децата во основно и средно образование, децата сè уште го напуштаат училиштето, дури и основното. Овој проблем главно е присутен меѓу девојчињата. Обично се поврзува со економската состојба на семејството и има тенденција да биде во врска со детскиот брак на девојчињата и се доведува во корелација со обичајниот детски брак. Напуштањето на училиштето е особено поврзано со детските бракови. Според интервјуата со децата сопружници, како и со активистите на НВО, се чини дека родителите се тие кои одлучуваат дека детето треба да го напушти училиштето многу рано во образовниот процес. Ваквиот став кон образованието на девојчињата е вкоренет во уверувањето дека и нивното место е дома, за тие да добијат соодветна подготовка за брак и да ја сочуваат невиноста. Директна последица на детскиот брак се млади мајки кои не го завршуваат образованието, не стекнуваат вештини за да учествуваат на пазарот на труд, што им ги намалува можностите да бидат активни чинители во општествениот и економскиот живот во земјава...

Што се презема во Македонија за евентуално продолжување на школувањето на младите луѓе кои стапиле во брак?

Нашата држава ги има ратификувано сите потребни конвенции на Обединетите нации кои се однесуваат на оваа проблематика. Мислам дека најнов импулс ќе даде ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жените и домашното насилство во декември, 2017. Владата изработи план на активности за имплементација на оваа Конвенција, а во тек се измени и на неколку законски решенија, како Законот за социјална заштита, кои секако ќе придонесат за унапредување на состојбите. Сепак, протоколите кои и сега постојат помеѓу различните министерства, не се доволни за спречување на оваа појава. Во иднина потребна е надградба на капацитетите на стручните лица во препознавањето на раните бракови, нивно спречување и давање на поддршка во заедницата. Подобрувањето на координацијата меѓу невладиниот сектор и службите на ниво на заедница ќе придонесе за поголема вклученост на овие девојки во општеството.