Надлежните институции застанаа во одбрана на назначувањето на новиот началник на Генералштабот на армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, процес кој е под лупа на Антикорпуциската комисија. Министерот за одбрана денеска потврди дека до него е стигнато барање од комисијата која отвори предмет и почна постапка за обезбедување документи за проверка на наводите за непочитување на процедурата при назначувањето на новиот началник. Владо Мисајловски, во присуство на самиот Лафчиски, уверува дека се било законски.
Your browser doesn’t support HTML5
„Стигната е претставка, односно барње од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок ос страна на министерството и од страна на начлникот. Претпоставувам дека таа претставка е доставена и до претседателката, сите заеднички ќе одговориме, но сакам да ве уверам дека се е согласно закон и согласно сите прописи“, рече министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Во изминатите денови и од кабинетот на претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска-Давкова информираа дека таа „секогаш се води од Уставот и законите и дека така било и при поставувањето на новиот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој, како што велат од „Вила Водно“, е поставен на должноста согласно позитивните законски прописи.
Иако началникот, првично изјави дека на сака да ги коментира наредбите и указите за неговото унапредување, сепак заклучи дека се е според законот.
„Јас, пред се сум војник, додека носам униформа, тука сум да командума со армијата и да и служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, укази од страна на претседателката на државата, а помалку би коментирал укази и наредби кои се во согласност со законот“, вели генерал-мајор и началник на ГШ на АРСМ, Сашко Лафчински.
Први кои реагираа на поставувањето на Лафчиски за началник беа од опозициската Алијанса за Албанците тврдејќи дека тој неправедно ја добил позицијата „неисполнувајќи ги потребните услови и дека е неколку нивоа под стандардите кои се бараат за прв човек на Армијата“. Само неколку дена потоа Антикорупциска потврди дека отворила предмет.
Според биографијата на Лафчиски, тој станува бригаден генерал пред точно две години, а во генерал-мајор е унапреден годинава, на истиот ден кога беше поставен за началник. Според законот за служба во Армијата унапредување во генералски чинови е можно ако поминале најмалку 3 години. Тоа не е случајот со Лафчиски. Законот предвидува можност офицер да се унапреди една година порано од утврденото ако е испочитувана внатрешна процедура која, меѓу другото, предвидува и „да е предлог на два кадровски совета на ниво на бригада или повисоко“. Засега нема информација дали Лафчиски го исполнува и овој услов кој би овозможил негово предвремено унапредување, а со тоа и поставување на врвната позиција во Армијата. Тоа треба да го утврди Антикорупциската комисија.