Повлекувањето од Договорот за нуклеарно вооружување -„стратегиска катастрофа“ за Кремљ

Аналитичари со седиште во Москва сметаат дека суспендирањето на договорот може да доведе до нова трка за вооружување

Како одговор на американскиот потег, рускиот претседател Владимир Путин во саботата го прекина договорот од времето на Студената војна кој се однесуваше на нуклеарното вооружување со среден дострел.

„Американските партнери соопштија дека го суспендираат нивното учество во договорот. Ние го суспендираме исто така.“ кажа Путин.

САД ветија дека ќе се повлечат од Договорот за нуклеарно вооружување за шест месеци, ако Москва не прекине со прекршување на историскиот договор за контрола на оружјето од 1987-та година.

Путин рече дека Москва ќе започне со создавање на нови проектили, вклучувајќи хиперсонични оружја, и побара од руските министри да не иницираат нови разговори за разоружување со Вашингтон.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги обвини САД за кршење на Договорот за нуклеарно вооружување и други договори.

Поранешниот шеф на Генералштабот на руската армија, Јуриј Балујевски кажа дека Москва е подготвена дури да одговори и „воено“.

Различни оценки

Меѓутоа, експерти за контрола на вооружувањето кои работат во Москва понудија пообемна проценка.

„Повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарно вооружување не навестува нуклеарна криза како оние од раните 60-ти или раните 80-ти години од минатиот век. Но е вовед во ново стратешко опкружување каде стабилноста веќе не е регулирана со договори за контрола на оружјето“ напиша на Твитер Димитри Тренин директор на Карнеги центарот во Москва. Тој е поранешен советски офицер кој бил директно вклучен во нуклеарните разговори меѓу САД и Русија во Женева.

Независниот руски воен аналитичар Александар Голц има поинакво гледиште:

„Мојата проценка е дека во наредните три, четири па можеби и пет години, ние сме безбедни бидејќи на САД ќе им требаат години за дизајнирање, тестирање и распоредување проектили од среден дострел“ додавајќи дека „Сепак, ние сме сведоци на целосно уништување на системите за контрола на нуклеарно оружје.“

Запрашан дали постои можност за спас на Договорот за нуклеарно вооружување, Голц изјави:

„Не, апсолутно нема никаква шанса. Бидејќи Трамп изјави дека ќе го продолжи Договорот за нуклеарно вооружување само ако Кина се приклучи на истиот. Тоа е невозможно затоа што 90 проценти од кинескиот арсенал е со среден дострел. Тоа би значело дека Пекинг ќе треба целосно да го уништи својот арсенал.“

Експертот за контрола на оружјето, Алексеј Арбатов, од Руската академија на науките вели дека е „безнадежен оптимист“ кој смета дека шест месеци е „многу долг“ период за разрешување на разликите.

„Американските и руските претставници се на само неколку сантиметри од клучните разлики“, вели тој осврнувајќи се на техничките несогласувања меѓу двете држави.

Од Асоцијацијата за контрола на оружјето со седиште во Вашингтон велат дека со договорот САД и Русија треба „да ги елиминираат и забранат нуклеарните и конвенционалните ракети со дострел од 500 до 5500 километри“.

Арбатов вели дека договорот може да се реафирмира веднаш ако Русија докаже дека нејзините проектили се технички компатибилни со Договорот за нуклеарно вооружување, а САД треба да докажат дека системите за против ракетна заштита во Полска и Романија не се дизајнирани за одбрана од можен руски нуклеарен напад врз Европа.

Your browser doesn’t support HTML5

Што се случува со договорот за контрола на нуклеарното вооружување?

Никој не го сакаше Договорот за нуклеарно вооружување

„Јас ги обвинувам и двете страни“ вели Арбатов, додавајќи дека „Американците никогаш не се грижеа за договорот, бидејќи не се однесува на нивната безбедност“ алудирајќи на фактот дека според дострелот на ракетите тој се однесува на европските соседи и на Русија, но не и на територијата на САД.

„Русите никогаш не се грижеа бидејќи многумина тврдеа дека Москва треба да уништи голем број ракети и државата нема да има капацитет да ги нападне американските против ракетни системи.“ вели тој.

Обвинувања од двете страни

САД и НАТО ја обвинуваат Русија дека ги прекршила ограничувањата од Договорот за нуклеарно вооружување со развивање на крстосувачки ракети со среден дострел кои може да се лансираат од копно и кои можат да носат нуклеарни боеви глави. Кремљ, кој минатата недела ги прикажа своите проектили пред странските воени аташеа вели дека краткиот опсег на овие ракети ги става надвор од Договорот за нуклеарно вооружување.

Сепак, официјални американски претставници рекоа дека нема начин за верификација на тие информации.

Во саботата рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека САД го прекршиле Договорот за нуклеарно вооружување во 1999-та година со тестирањето на беспилотни летала кои имаат карактеристики слични на копнени крстосувачки ракети. САД го негираат обвинението.

Лавров, исто така, ја критикуваше одлуката на САД за распоредување на против ракетен систем во Романија од кој може да лансираат ракети со среден дострел, како што е Томахавк.

САД велат дека системот е дизајниран за одбрана од „непријателски“ држави како Иран и не обезбедува заштита против рускиот нуклеарен арсенал.

Повлекувањето од Договорот за нуклеарно вооружување во голема мера ја продлабочи меѓународна изолација на Русија, а Москва ги обвини САД дека излегуваат од договорот со цел да развијат нови проектили.

(Пит Кобус)