Нова политика во САД спрема имиграцијата

Обама рече дека владата ќе престане да ги гони младите илегални имигранти
Американскиот претседател Барак Обама го олесни спроведувањето на имиграционите закони за младите илегални имигранти, велејќи дека тоа е „исправна работа“.

Зборувајќи во Белата куќа во петокот, претседателот Обама кажа дека американската влада ќе престане да ги депортира младите имигранти кои влегле во земјата како деца и кои од тогаш живееле почитувајќи го законот.

„Во текот на следните неколку месеци, поединци кои не претставуваат ризик за националната и јавната безбедност ќе може да побараат привремено ослободување од постапка за депортација и да побараат дозвола за работа. Ова не е амнестија. Оваа не е имунитет. Ова не е пат кон државјанство. Ова е трајно решение. Ова е привремена мерка што ќе ни овозможи да се фокусираме на умно користење на нашите ресурси додека им даваме степен на олеснување и надеж на талентирани, мотивирани и патриотски млади луѓе“, рече претседателот.

Промената на политиката постигнува некои од целите на таканаречениот Дрим акт, легислатива што администрацијата безуспешно се обидуваше да ја протурка низ Конгресот, а со која на околу 800.000 илегални имигранти донесени во САД како деца, ќе им отвори пат кон државјанство.

Републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни вели дека акциите на Обама го прават потешко постигнувањето на долгорочните цели.

Одлуката дојде една недела пред претседателот да се обрати на собир на Националната асоцијација на избрани и именувани официјални претставници од латио-американско потекло.