Илјада дена руска инвазија, мрачна реалност за украинските семејства

Your browser doesn’t support HTML5

Оваа недела се одбележуваат 1.000 дена борба во Украина. Зголемениот биланс на жртви, сирените за воздушни напади и експлозиите, се мрачна реалност за милиони Украинци, вклучувајќи го и 32-годишниот жител на Киев Олег Решетњак и неговите најблиски. Ана Костутченко се сретна со ова семејство.

На 21 февруари 2022 година, Олег Решетњак, дописник за националната украинска телевизија и неговата бремена сопруга Ана, го прославиле третиот роденден на нивната ќерка Ивана во нивниот дом во Киев.

Таа вечер, рускиот претседател Владимир Путин ги призна самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск.

„Олег и неговиот татко седе пред телевизорот, кога мајка ми и јас рековме: Ајде момци, можеби е време за шампањ. Роденден е на детето, доста со телевизија. Но тие одговорија: Ова е многу важно. Треба да слушнеме што се случува“, вели Ана Решетњак.

Три дена подоцна, на 24 февруари 2022 година, Путин ја објави руската инвазија на Украина. Бремената Ана Решетњак и тригодишното дете на парот ја напуштиле Украина, додека Олег Решетњак останал.

Во април 2022 година во Данска, Ана ја родила нивната втора ќерка Викторија. Решетњак сè уште бил во Украина.

Во летото 2023 година, Ана се вратила во Киев со двете ќерки. Олег Решетњак ги вложил заштедите на семејството во фотостудио, и покрај тековната војна.

Во август 2024 година, парот ја пречекал својата трета ќерка и гледал како нивното 2-годишно дете се прилагодува на животот за време на војната.

„Од надворешна перспектива, изгледа лудо - двегодишно дете знае што е сирена за воздушен напад и што значи целосно јасен сигнал. Кога ќе се вклучи алармот, таа трча, викајќи: Мамо, мамо, аларм, аларм. Ѝ велам: Не грижи се, се` е во ред“, раскажува Ана.

Според проценките на ОН, повеќе од 12.000 украински цивили загинале, а речиси 27.000 биле повредени од почетокот на руската инвазија.

Сепак, експертите велат дека решителноста на Украинците да се спротивстават на руските напади останува на истото ниво како во 2022 година.

„Околу две третини од луѓето сè уште се подготвени да продолжат да се борат, тие остануваат отпорни - помеѓу 60% и 70%. Останатите, околу една третина, не се подготвени да ѝ се предадат на Русија, но се за барање решенија, вклучително и отстапки од Украина, она што тие го нарекуваат разумни компромиси“, вели Олександр Мусиенко, воен експерт.

Украинскиот институт за социологија ја проучува отпорноста на населението на државата.

„Кога ќе прашаме колку е важно постоењето на слободна, независна Украина, 93 отсто велат дека тоа е апсолутно суштински. Само неколку проценти велат дека не се сигурни или велат дека тоа не е толку важно“, посочува Јевен Холовака, од Инситутот.

Олег е историчар и тој е загрижен дека светот, особено администрацијата на Трамп што доаѓа, може да се откаже од воената помош за Украина и дека конфликтот може да се прошири како конфликтите од минатото.

„Ако САД едноставно го игнорираат она што се случува овде, тоа ќе доведе до големи проблеми во светот“, смета Олег.

Според украинскиот закон, Олег, татко на три деца, не мора да се бори на првите борбени линии. Тој останува во Киев, поддржувајќи ги борците со донации, како и повикувајќи ги блогерите да ја кренат свеста дека бруталната војна сè уште трае.