Иванов: Македонија е посветена на регионалната соработка и добрососедски односи

  • Глас македонски

Иванов: Македонија е посветена на регионалната соработка и добрососедски односи

„Се обраќам пред овој единствен форум, каде и големите и малите, и моќните и помалку моќните нации - имаат еден глас. Форум од кој со право се очекува дијалог и лидерство во справувањето со предизвиците на мирот и безбедноста, гладот и развојот, човековите права и климатските промени“, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов на 65-тото годишно обраќање на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Иванов подвлече дека успехот е можен само со издигнување над поединечните интереси. Глобалната економска и финансиска криза беше предизвик што можеше да ја уназади имплементацијата на Милениумските развојни цели, борбата за постигнување мир во сите региони, рече Иванов и додаде дека земјите-членки и самиот систем на ОН успешно се справиле со неа.

Тој го поздрави исходот од средбата за Милениумски развојни цели одржан минатата недела, на која ОН се обврзаа да ги зајакнат напорите до крајната цел.

„Македонија, како и досега, останува максимално посветена на целосното исполнување на целите и тоа е инкорпорирано на национално ниво во Стратегијата на Владата за економски и одржлив развој, како и националната легислатива која е прилагодена кон актуелните обврски кои произлегуваат од меѓународните документи“, рече Иванов.

„Ако основната институционална и суштинска цел на оваа организација е потребата човештвото да биде поштедено од страдања, војни, конфликти, тогаш треба да се запрашаме дали се доволни напорите кои треба да го обезбедат мирот и просперитетот? Одговорот е не, ниту на глобално ниту на регионално ниво“, истакна шефот на македонската држава.

Освернувајќи се на состојбата со неговата земја, Иванов рече дека Македонија уште од осамостојувањето е посветена на реформи насочени кон унапредување на демократијата и подобрувањето на животниот стандард на своите граѓани, засновани врз историските традиции на почитувањето на мултиетничкиот соживот, дијалогот и меѓусебното разбирање. Токму заради тоа, Македонија со право очекува датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО, оцени Иванов.

„Ги исполнивме потребните реформи за влез во НАТО, пет години сме земја кандидат за ЕУ, една година сме со позитивна препорака за почеток на преговори со ЕУ“, кажа македонскиот претседател.

„Покрај тоа, мојата земја е активно посветена кон регионалната соработка и градењето на добрососедски односи. Го прифаќа и промовира дијалогот, како единствен начин за надминување на сите отворени прашања во регионот“, истакна шефот на македонската држава.

Иванов рече дека Македонија сите свои капацитети ги насочува кон реализирање на врвните стратегиски цели на надворешната политика - интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО.

„Пред петнаесет години овде во Њујорк беше потпишана Времената спогодба со нашиот јужен сосед со кој таа се обврза да не го спречува членството на мојата држава во меѓународните и регионалните организации и интеграции. Но, морам да го споменам фактот дека мојата земја се уште чека пред вратата на овие две организации заради постапките на нашиот јужен сосед, спротивни на обврските преземени со Времената спогодба“, кажа првиот човек на македонската држава.

„Македонија е целосно посветена на процесот на решавање на разликата со Грција во рамките на механизмот воспоставен со Резолуциите на ОН. Станува збор за нашето име, за нашето право на самоидентификација и човечко достоинство“, рече Иванов.

„Правиме се` што можеме за да имаме блиски и пријателски односи со соседна Грција, со нејзините граѓани“, кажа Иванов и оцени дека решението е можно само доколку се почитуваат Повелбата на ОН, нејзините Резолуции, меѓународното право и принципи врз кои почива меѓународниот поредок.

„Република Македонија и нејзините граѓани заслужија да ги уживаат придобивките од членството во НАТО, и да ги започнат преговорите за интеграција во ЕУ“, додаде Иванов.

„Со грчкиот премиер остварив средба во насока на градење клима на меѓусебна доверба и разбирање, и се надевам дека како две соседни земји кои живееле и ќе живеат една со друга, ќе успееме да изнајдеме взаемно прифатливо решение“ потенцираше Иванов.

Македонскиот претседател наведе дека поинтензивната комуникација и соработката придонеле за подобро разбирање и почитување.

“Со прифаќање на дијалогот, како единствен начин за надминување на наследените проблеми и отворени прашања, се креира еден нов амбиент. За тоа сведочи и вториот по ред Балкански лидерски форум, оддржан токму тука во Њујорк, пред неколку дена. Полека но сигурно, Балканот си го враќа нарушениот углед“, рече Иванов.

„Балканот повторно претендира да стане дел од отворениот европски простор, на кој ќе се почитуваат европските вредности, европските критериуми и европските принципи. Балканот бил и останува Европа“, заврши во своето обраќање шефот на македонската држава.