Игор Радев, проучувач на кинеската култура: Познавањето нова култура ни отвора ново око

Игор Радев, македонски филолог, преведувач и проучувач на кинескиот јазик и култура / Фото: Screenshot/YouTube/SlobodenPecatTV

Ако се задоволуваме само со едно око, особено ако тоа око ни е „позајмено“, а не наше, сме станале еднооки киклопи неспособни за емпатија, кои човештвото го воспримаат единствено преку карикатурални стереотипизации, вели Игор Радев, македонски филолог и синолог.

Македонско-кинеските културолошки односи ги оценувам не многу различно од тоа како би ги оценил македонско-индиските културолошки односи или македонско-латиноамериканските, очајно недостаточни. Така објаснува Игор Радев, македонски филолог и доктор по науки за кинеска филологија, за релациите меѓу македонската држава и Кина на културолошки план.

Повод за интервју со Радев беше првата македонско – кинеска поетска преведувачка работилница што кон крајот на август се одржа во Охрид, а во чија организација беше и нашиот соговорник.

Учесници на македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница во Охрид, август, 2024/ Фото: МАНУ

Глас на Америка: Какво е значењето и подолгорочниот резултат од настани како македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница што се одржа во Охрид?

Значењето и резултатот се откриваат во иднината. Тоа е како кога во зима поминувате низ ливада покриена со снег, не знаете какви семиња таа крие, туку тоа го узнавате дури напролет кога ќе пркне цутот. Значи, потребно е време.

Ако се задоволуваме само со едно око, особено ако тоа око ни е „позајмено“, а не наше, сме станале еднооки киклопи неспособни за емпатија
Игор Радев

Знаете што јас би сакал да биде плод на оваа и слични поетско-преведувачки работилници? – Појавата на нови форми и правци во нашата поезија. Токму онака како што во американската литература на XX век се појави имажизмот како правец и естетско движење, имено, во голема мера како плод на запознавањето со класичната кинеска поезија. За тоа најзаслужен е, секако, Езра Паунд со збирката Cathay (1915), во која тој не толку ја преведува кинеската поезија, колку што ја пресоздава. Патем, токму овој аспект од делото на Езра Паунд беше еден од првите истражувачки интереси на ‘Ши Чуан, веројатно најпознатиот активен поет во кинеското говорно подрачје, и секако, учесник на нашава поетска работилница во Охрид годинава.

Да не заборавам, нејзин непосреден плод би бил и издавање на тројазична (македонски, кинески и англиски) поетска збирка со песните што беа обработувани на работилницата. Лично мислам дека такво едно издание ќе биде од поголема полза за нашата литература, зашто тоа би претставувало пионерски обид за непосредно претставување на современата македонска поетска сцена во едно толку големо јазично подрачје, какво што е кинеското.

Учесници на македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница во Охрид, август, 2024/ Фото: МАНУ

Глас на Америка: Како ги оценувате македонско кинеските културолошки релации и во која насока сметате дека треба да се движат?

Македонско-кинеските културолошки односи ги оценувам не многу различно од тоа како би ги оценил македонско-индиските културолошки односи или македонско-латиноамериканските итн. Очајно недостаточни.

Освен попатно присуство на преводна литература, многу малку имаме живи меѓучовечки вкрстувања на културно поле, па не би рекол само во однос на она што претенциозно се нарекува „висока култура“, туку и на рамништето на популарната култура.

Да не го заборавиме и академското поле, каде треба да присуствуваат ареални студии за различните цивилизациски подрачја на светот. Што има трагично во тоа? Нема ништо за оние што сакаат да бидат киклопи.

Отсуство на културно љубопитство кај младите

Најпатетично е кога забележуваме отсуство на културно љубопитство кај млади луѓе проследено со рамнодушност кон литературата
Игор Радев

Секоја различна култура претставува една перспектива за гледање на битието, своевидно око. Познавањето на нова култура ни отвора ново око, и така стануваме свесни за повеќедимензионалноста на светот, а со тоа развиваме и емпатија за луѓето што го населуваат тој свет. Ако се задоволуваме само со едно око, особено ако тоа око ни е „позајмено“, а не наше, сме станале еднооки киклопи неспособни за емпатија, кои човештвото го воспримаат единствено преку карикатурални стереотипизации.

Најпатетично е кога забележуваме отсуство на културно љубопитство кај млади луѓе проследено со рамнодушност кон литературата, вклучително и поезијата. Тоа нагрдува. Впрочем, кој би сакал да оддава впечаток дека во животот нема прочитано ништо посложено од апликација за грант? Еве, што повеќе би требало да се каже за потребата за збогатување на културната размена, не само со кинеското културно подрачје, туку и со останатите, кои сега за нас претставуваат terra incognita?

Глас на Америка: Каква позиција сметате дека би требало генерално да заземе македонската држава во релациите со Кина со оглед дека се јавува сѐ поголема затегнатост во односите меѓу Западот од една страна и Кина од друга страна?

А зошто на поезијата би требало да ѝ биде грижа за каква и да е затегнатост? Самиот збор „затегнатост“, ја содржи конотација на „стегање“, „смалување“, „стеснување“. Смислата на поезијата е дијаметрално спротивна – таа ги шири хоризонтите, раскрилува, се отвора кон бесконечното, кое нејзе и ја создава преку процесот опишан во Платоновиот дијалог Ијон.

Лого на Струшките вечери на поезијата

Кога станува збор за Македонија, за среќа (или за жал), нејзините затегнатости сите се на локално балканско рамниште, глобалните затегнатости, простете, ѝ се туѓи
Игор Радев

За илустрација, веројатно најпознатиот македонски бренд – Струшките вечери на поезијата, меѓу своите лауреати го има и израелскиот поет Јехуда Амихај (1995), но и палестинскиот Махмуд Дарвиш (2007). Без разлика какви и да биле нашите национални тензии со Грција, сме му го доделиле Златниот венец на СВП и на грчкиот поет Јанис Рицос (1985). Што говори ова за поезијата? Така, ако инсистирате на прашањето – на чија страна треба да биде Македонија во сѐ поголемата глобална затегнатост помеѓу..., ќе ви одговорам прецизно – Македонија треба да биде на страната на поезијата.

Впрочем, кога станува збор за Македонија, за среќа (или за жал), нејзините затегнатости сите се на локално балканско рамниште, глобалните затегнатости, простете, ѝ се туѓи (вака ли би се изразил Вапцаров?). Можеби некој ќе каже: „И ние сме дел од Западот.“ Може и да е така. Иако има духовни дисиденти, кои со тоа не би се сложиле, како еден од нив што пред речиси стотина години за нашево поднебје има кажано дека: „...географски се наоѓа помеѓу Истокот и Западот, а идејно е над Истокот и Западот.“

Учесници на македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница во Охрид, август, 2024/ Фото: МАНУ

Идеја од Минг Ди - американска поетеса од кинеско потекло

Во однос на годинешнава македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница:

На чија страна треба да биде Македонија во сѐ поголемата глобална затегнатост помеѓу..., ќе ви одговорам прецизно – Македонија треба да биде на страната на поезијата
Игор Радев

„Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, знаете што, ако се потруди, некој би открил во неа индиректно американско влијание. Имено, идејата и самиот концепт на овој настан се должи на познатата американска поетеса од кинеско потекло Минг Ди, се разбира, учесник на нашата Работилнца во Охрид, инаку голем пријател на македонската литература и нејзин промотор низ светот, која пред епидемијата на ковид редовно организираше вакви поетско-преведувачки работилници во заемна соработка меѓу Меѓународниот писателски центар раководен од Мо Јен, добитникот на Нобелова награда за литература (2012), при Пекиншкиот нормален универзитет и еквивалентни американски книжевно-академски институции, каде се остваруваше креативен дијалог и работа меѓу истакнати кинески, американски, но и светски поети и синолози.

Опасна работа е поезијата

Впрочем, на една од овие работилници, чинам беше во 2016 г. во Пекинг, се запознав со израелскиот поет Амир Ор, кому неколку години подоцна (2020) ќе му биде доделен Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, но на истава поетско-преведувачка работилница тогаш се спријателив и со младиот палестински поет Наџван Дарвиш (го прашав, не му е ништо на Махмуд Дарвиш). Поезијата и (гео)политичките тензии?

На втора мисла, да, поезијата умее да биде и субверзивна, па и отворено антизападна. Но за тоа не треба географски да се оддалечуваме од Македонија. Да го земеме нашиот роден Кочо Рацин. Кочо во својата песна од 1932 г. Огномет откриено повикува на апокалиптично разурнување на целокупниот западен поредок основан врз (капиталистички) правила. Замислете, пак, неговата песна На челичната машина, објавена во Сараево две години претходно, претставува алегориско глорифицирање на Ј. В. Сталин. Опасна работа е поезијата.