Овој робот ова лето ќе најде своја примена во туристичкиот сектор во Охрид. Анис Сефиданис, авторот на првиот македонски робот, кој гледа, слуша и прави команди со помош на сензори, вели дека станува збор за автомат кој вклучува системи во делот на роботиката и вештачката интелигенција.
„Може да биде бармен, може да биде диџеј. Може да преземе било каква функција на човекот не само во делот на репетитивните активности, туку и во делот на креативните активности на човекот. Може да биде и вклучен во угостителството, при што сите процеси кои ги извршуваат келнерите, ќе може да се автоматизираат. Ќе може да работи три смени и ќе може да ги усовршува процесите“, вели Сефиданис.
Може да работи на рецепција во хотел, да резервира и букира аранжмани, да приготвува кафиња или коктели, зборувајќи на кој било јазик, дури на кинески или хебрејски.
„Доколку изработи одреден коктел, кој би добил висока оцена кај клиентите, истиот ќе може да го репродуцира неограничен број пати. Ќе може да произведува рецепти, кои досега не се појавиле никаде“, вели Сефиданис.
Сефиданис објаснува дека стапиле во контакт со менаџерите на дел од угостителските објекти и оти бараат каде можат да го вработат, односно да го стават во интеракција со пошироката публика. Но оти најверојатно првиот негов ангажман ќе биде како диџеј во ноќен клуб во Охрид.
„Зачетокот на идејата е уште од 2016-2017 година. Претходеа бројни научни истражувања од областа на машинството и вештачката интелигенција. Софтверскиот дел е целосно наш. Планираме истиот да го комерцијализираме за палета на други производи“, посочува креаторот.
Роботот има природни димензии на човек. Сефиднаис открива дека стоматолошка ординација изработува заби за него, додека физиотерапевт ги проверувал неговите движења за да изгледа како човек.
„Во моментот работат и дизајнери кои треба да му дадат идентитет. Треба да има соодветна облека, која ќе биде и за луѓе и за роботи. Треба да има име, односно интерфејс со кој ќе може да се поврзе со останатите луѓе. Ќе го оставиме тој дел на публиката“, најавува Сефиданис.
Тој вели дека роботите во моментот се повеќе потребни од било кога.
„Бидејќи тој дел на индустријата за кој немаме доволно кадри и оператива, можат соодветно да бидат заменети со роботи. Човештвото на многу континенти е веќе во фаза на стареење. Ако се обидете да замислете утре без роботи е како да замислете живот без електрична енергија“, вели Сефиданис.
Сефиданис е експерт за вештачка интелигенција вели дека таа е сè поприсутна во секојдневното живеење и оти човекот од тоа не треба да стравува.