Хуманитарен предновогодишен базар во Охрид ја покажа ученичката хуманост на дело

Your browser doesn’t support HTML5

Хуманитарен предновогодишен базар во Охрид ја покажа ученичката хуманост на дело. Средствата собрани од продажбата на производи, што ги направија ученици и волонтери, ќе се донираат за социјално загрозени семејства. Известува Мики Трајковски

Насмеани лица, детски џагор, и многу музика. Хуманитарниот предновогодишен базар, „Новогодишен сон“, ја покажа на дело хуманоста на охриѓани. Покрај многу забава и дружење, рачно изработените новогодишни украси, честитки, колачи, за вчас беа продадени, а собраните средства ќе бидат наменети за разубавување на новогодишните празници на сиромашните семејства во Охрид.

„Тоа се рачно изработени производи, не се купени и затоа повеќето од нив немаат цена. Туку поставени се кутии и граѓаните кој колку може да донира. Идејата е сите достоинствено да ги прослават новогодишните празници и средствата ќе бидат наменети за таквите семејства“, истакна Весна Терзиоска, потпретседателка на Црвен крст од Охрид.

Овие уникатни производи беа изработени од ученици од охридските училишта, и од волентерите при клубот на млади и пензионери од Црвениот крст.

„Ние денес изложуваме новогодишни рачно изработени производи, кои ги направивме ние како млади од клуб на Црвен крст, во соработка со клубот на пензионери. Скоро се се продаде, останаа уште многу малку работи и ние сме презадоволни. На нашиот штанд има мали мечиња со привезоци, изработени од плетена вуница, чаши полни со шекерчиња рачно изработени кошници“, истакна Лина Јоноска, волонтерка во Црвениот крст.

„Нашиот штанд нуди многу безалкохолни пијалоци, а имаме и разни напитоци, како чаеви. Имаме и храна, кои ние во нашето училиште, учениците ги приготвуваме“, објасни Христијан Нестороски, ученик во средното училиште „Ванчо Питошески“.

„Изработивме куќарки што се продадоа. Работевме цела недела, и успеавме да ги изработиме. Овие средства ќе завршат во Црвен крст за децата што им се потребни“, рече Мартина Неданоска, ученичка во ОУ „Братство и единство“.

Граѓаните секој по нешто понесе од овие производи.

„Новогодишен поклон си купив. Јас не сум одовде, но ова е многу убаво за градот, а ми се допаѓа и идејата. Се чувствува новогодишна и божиќна атмосфера“, вели една од посетителките на базарот.

„Убава е идејата и треба почесто вакви настани“, додаде друга посетителка.

Ученици од второ и трето одделение приготвија специјални новогодишни точки, облечени како снешковци, снегулки, дедомразовци. А дојде и охридскиот Дедо мраз. Делеше подароци, се фотографираше со децата и возрасните, пееше и играше со нив.