Христијаните во Истанбул во страв од напади од Исламска држава

Your browser doesn’t support HTML5

Христијаните во Истанбул во страв од напади од Исламска држава Турските безбедносни сили приведоа стотици лица по нападот на Исламската држава врз црква во Истанбул. Властите предупредуваат на дополнителни напади врз Евреите и христијаните. Доријан Џонс известува од Истанбул.

Тешко вооружената полиција сега деноноќно ги штити црквите низ Истанбул. Тоа уследи по минатомесечниот смртоносен напад од двајца вооружени мажи врз католичка црква во Истанбул. Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во соопштение и предупреди дека цел на нападот се Евреи и христијани.

Малата христијанска заедница во Истанбул сега живее во сенка на насилство, но останува пркосна.

„Не мора да бидете член на заедницата за да бидете исплашени од овој напад. Тоа е нешто од што сите би се плашеле. Бевме исплашени, но верувајте ми, никогаш не се двоумевме да дојдеме во нашата црква и да се поклониме и да му се молиме на Бога“, објаснува Илхан Ѓузелис, истанбулски христијанин.

Турските безбедносни сили се ангажирани во акција против групата Исламска држава. Еден Русин и еден Таџикистанец се уапсени за извршување на нападот, додека над стотина други лица се приведени низ целата земја. Со оглед на тоа што Турција се граничи со територијата што некогаш ја држеше исламистичката група позната како ИСИС, аналитичарите предупредуваат дека заканата останува значителна.

„Во Турција има вооружени групи. Сè уште го имаме багажот во Турција, остатоците од вооружените групи во Турција, дури и остатоците од ИСИС назад од сириската војна“, вели Сезин Онеј аналитичарка за политички прашања.

Последен пат Исламската држава изврши напад во 2017 година, кога целта беше прослава на новогодишната ноќ во клуб во Истанбул, при што загинаа 39 лица. Аналитичарите предупредуваат дека безбедносните сили се вклучени во смртоносна игра со Исламската држава со неодамнешниот напад на црквата во Истанбул.

„Ова е меѓусебен натпревар меѓу безбедносните сили и терористичките ќелии. Двете страни ќе се обидат да се идентификуваат или да се измамат. И во овој случај, верувам дека терористите на Исламската држава беа вешти да ги заобиколат безбедносните мерки. Тие уживаат присуство овде во скриени ќелии и лесно можат да изберат цел“, вели Мурат Аслан од Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања.

Со оглед на тоа што на турската профитабилна туристичка сезона и остануваат само неколку месеци, која со себе носи дополнителни потенцијални цели за Исламската држава, се предвидува дека безбедносните мерки ќе се интензивираат заедно со заштитата на црквите во Истанбул.