Хидроцентрали постари од половина век: Во каква состојба е македонскиот енергетски систем?

Your browser doesn’t support HTML5

Македонските енергетски капацитети се постари и од 50 години. Потребно е итно инвестирање во нови, велат експерти. ХЕЦ Вруток е од 1957 година, ХЕЦ Глобочица од 1965 година, додека Шпиље од 1969 година. ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола се од 1980 година, додека ТЕЦ Неготино од 1978 година.

Македонските термоелектрани се стари речиси и по половина век. Тец Осломеј, втората термоелектрична централа според инсталирана моќност е од 1980 година. Производството и во најголемиот енергетски комбинат РЕК Битола почнува во 1980 година, додека изградбата на последниот од трите термо блока завршува во 1988 година. И двете работат на јаглен. Но најстара од 1978 година е ТЕЦ Неготино, и работи на мазут. Експертите сметаат дека е неопходно итно вложување во обнова на домашните енергетски капацитети или во изградба на нови.

„Хидроцентралите треба да се рехабилитираат, затоа што на одреден период над 20 години, потребна е рехабилитација на опремата, турбините, генераторите, хидројазлите. Освен тоа со термоцентралите, имаме многу мали резерви на јаглен, и многу кратко време ќе можеме да ги користиме тие капацитети кои ги имаме во РЕК Битола, иако таа енергија во моментот ни е многу важна како базна енергија“, вели Вангел Фуштиќ, Професор на ФЕИТ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Во моментот има голема експанзија на изградба на фотоцентрали, кои се повеќе од добродојдени, во време на актуелната енергетската состојба, додава Фуштиќ.

„Акумулационите хидроцентрали ќе бидат од голема вредност, и реверзибилните централи и можностите за складирање во батериски системи, на она производство кое го имаме во моментот од фотоцентралите“, вели Фуштиќ.

Хидроцентралите се уште постари. ХЕЦ Вруток е од 1957 година, ХЕЦ Глобочица од 1965 година, додека Шпиље од 1969 година. Со понов датум се ХЕЦ Козјак од 2004 и ХЕЦ Света Петка од 2012 година.

„Крајно време е да почнеме да ги градиме тие акумулациски хидроцентрали. Дали ќе бидат тие по Црна Река, т.н. проект „Чебрен“ со четири или пет каскадни централи. Но исто и „Вардарска долина“, каде со изградба на брани, водата која тече и ќе се користи и ќе се произведува електрична енергија. За сето тоа треба некој да сака и требаат пари“, вели Константин Димитров, експерт по енергетика.

Северна Македонија, нема голем избор, затоа што според обврските кои ги има, до 2026 година, мора да го затвори првиот блок на РЕК Битола, а до 2030 година сите термо централи на јаглен.

„Што и да гради, во што и да инвестира Македонија, нема да згреши. Но битно е самата да инвестира и да не им го препушта тој многу профитабилен и монополски бизнис на домашни и странски приватни компании“, истакнува Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет во Битола.

Вели дека како прва задача, треба да биде изградба на една реверзибилна хидроцентрала.

„Постоечките термоцентрали не можат да се модернизираат. Тие мора да се исклучат и да бидат заменети со обновливи извори“, додава Трајковски.

Од Електрани на Северна Македонија велат дека во моментот на именување на новото раководство, капацитетите биле затекнати во лоша состојба, особено термоелектраните Битола и Осломеј. На дел од нив во пресрет на актуелната грејна сезона воопшто не биле изведени редовните ремонтни активности. Двете термоелектрани биле оставени и без резерви на јаглен. Алармантни состојби биле затекнати и во постојните рудници за јаглен во РЕК Битола поради вршени ископи надвор од рударскиот проект.

„АД ЕСМ во наредниот период континуирано ќе работи на ревитализација на постојните капацитети и ќе инсистира на квалитетно изведени ремонти во пресрет на наредната грејна сезона 2025/2026 година, особено во ТЕ Осломеј и ТЕ Битола. Во однос на новите инвестиции фокус се става на нови извори на обновлива енергија“, соопштија од АД ЕСМ.

Според податоците од Македонскиот електро преносен оператор, во просек во последните неколку месеци, само 40 отсто од бруто конзумот се покрива од домашно производство од ЕСМ. Остатокот е или од приватните производители на струја или од увоз. Професорот Трајковски вели дека тоа мора да се промени што побргу.