Хеликоптери, пешадија, борбени возила: Војници од пет армии прикажаа заедништво и брзина на Криволак

Воена НАТО вежба 'Брз одговор 23' на армискиот полигон Криволак со учество на повеќе од 1.800 припадници од македонската армија, како и од армиите на САД, Црна Гора, Албанија и од безбедносните сили на Косово

Замислената борбена акција на Криволак беше наречена „Мултинационална чета во напад“. Притоа беа вклучени пешадиски единици, придружени од хеликоптерите „AH-64 Apache“, „CH-47“ (Chinook), и „Ми 8/17“, како и борбените возила „Хамви“, „JLTV“ и оклопните возила „Кобра“ и „Хармелин“

Во брза и координирана акција со хеликоптери, пешадија и борбени возила припадници од пет армии го совладаа замислениот непријател и ја ослободија заземената територија. Така изгледаше денешната показна вежба на армискиот полигон Криволак на т.н. Ден за високи гости.

Припадниците на македонската армија, како и од армиите на САД, Црна Гора, Албанија и од безбедносните сили на Косово ги презентираа вештините стекнати на вежбата „Брз одговор 23“.

Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина.
Славјанка Петровска, Министерка за одбрана

На вежбата, која ќе се одржува до 5 јуни и која е дел од масовната НАТО вежба „Defender 23“, на Криволак учествуваат повеќе од 1800 лица од различни армиски оддели. Вежбовните активности се одвиваат под команда на Армијата на САД, во соработка со македонската армија.

„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето до учесниците на вежбата.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, посочи за значењето од приклучувањето кон НАТО.

„Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и зачленувањето во големото НАТО семејство, ги заштитивме нашите идентитетски одредници, го заштитивме нашиот македонски јазик и нашата култура. Под штитот на НАТО и силната поддршка од сојузниците и нашите стратешки партнери, нашата држава е посилна и постабилна од кога било“, рече Ковачевски.

Под штитот на НАТО и силната поддршка од сојузниците и нашите стратешки партнери, нашата држава е посилна и постабилна од кога било
Димитар Ковачевски, Премиер

Замислената борбена акција на Криволак беше наречена „Мултинационална чета во напад“. Притоа беа вклучени пешадиски единици, придружени од хеликоптерите „AH-64 Apache“, „CH-47“ (Chinook), и „Ми 8/17“, како и борбените возила „Хамви“, „JLTV“ и оклопните возила „Кобра“ и „Хармелин“.

Беше демонстрирана употреба и на роботизираното борбено возило „Project Origin“, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат во вежбовни услови тестираше испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“.

Меѓународна воена вежба „Брз одговор 23“ на полигонот Криволак под команда на САД