Тест за рано откривање на Алцхајмерова болест

Научниците велат дека развиваат тест што може да дијагностицира состојба на замирање на функциите на мозокот позната како Алцхајмерова болест во најрани фази, кога лекови се` уште може да помогнат да се подобри меморијата на оние кои страдаат од оваа фатална болест.

Денеска нема тестови што лекарот може да ги употреби за позитивно да утврди дали лицето има Алцхајмерова болест. Стручњаците велат дека најголем дел од лекарите не се обучени да ја дијагностицираат болеста, а скенирања за процена на меморијата и когнитивните способности се само околу 90 проценти точни. Единствен начин да се потврди дијагнозата за болеста е преку аутопсија на мозокот по смртта на пациентот.

Затоа, научниците се обидуваа да дојдат до дијагностички лекарски тест. Истражувачи од Аризона употребиле експериментален радиоактивен контрастен агенс наречен флорбетабен за време на таканареченото ПЕТ скенирање. Тие нашле дека тоа осветлило протеински депозити што се карактеристични за Алцхајмеровата болест.

Марван Сабах е директор на истражувачки институт во Сан Сити во Аризона и главен истражувач во студијата. Тој кажа дека иако нема лекови за болеста или за забавување на нејзиното напредување, рано откривање може да го одржи квалитетот на животот на пациентот. Тој забележува дека има апчиња со кои до некаде може да се подобри меморијата на пациентот.

Сабах смета дека флорбетабен е само еден од неколкуте нови контрастни агенси што им дозволуваат на лекарите да ги видат смртоносните наслаги и веднаш да почнат со третман.

Истражувачкиот тим проучувал 200 постари пациенти кои биле близу смрт, некои со Алцхајмерова болест, а други без симптоми на деменција. На нив е употребен флорбетабен.

Снимките покажале дека флорбетабенот коректно оценил во 100 проценти на идентификување на луѓето со Алцхајмерова болест чија аутопсија исто така открила докази за наслагите.

Светската здравствена организација проценува дека 18 милиони луѓе во светот имаат Алцхајмерова болест. Таа цифра се очекува да биде удвоена до 2025. Прогресивната болест на мозокот најмногу ги зафаќа постарите, кои постепено го губат сеќавањето и способноста да се грижат за себе пред да умрат од болеста.