Среќните живеат подолго

Среќните живеат подолго

Среќните луѓе може повеќе да уживаат во животот, а ново истражување сугерира дека среќните имаат и повеќе време да уживаат во животот.

Ова последно истражување вклучи близу 4.000 лица кои биле следени во долгорочна студија во Британија. Водечкиот истражувач Ендру Стептоу од Универзитетски колеџ Лондон објаснува дека во одреден ден тие биле запрашани да кажат како се чувствуваат.

“Употребивме едноставни мерки. Така, мерката беше комбинација на тоа колку среќно луѓето се чувствуваат, колку се возбудени, колку биле задоволни. И сето тоа беше вреднувано на едноставна скала, еден до пет – од „воопшто не“ до „екстремно“.

Во текот на наредните пет години, истражувачите нотирале и кој умрел од учесниците во студијата.

„Најдовме дека луѓето со поголем позитивен ефект, или ако сакате – најсреќните луѓе – биле со редуциран ризик од умирање во текот на овој период“.

Најсреќните луѓе, всушност имале 35 проценти понизок ризик од смрт отколку помалку среќните.

Спротивно на претходни студии, во ова истражување од луѓето било барано да кажат како се чувствуваат во тој момент. Претходните студии обично го поставувале прашањето „Како се чувствувате последнава недела?“. Но Стептоу вели дека психолозите покажале дека луѓето не даваат добри одговори на таков тип прашање:

„На пример, ако нивниот омилен фудбалски тим изгубил претходниот викенд, тие ќе кажат дека не се среќни цела недела, дури и кога тоа практично не влијае на нив на тој начин. Тој вид на проблем се надминува со поставување на прашањето како се чувствуваат во даден момент.“

Во исто време учесниците во студијата одговориле прашања за тоа како се чувствуваат и дале и примероци од плунка. Истражувачите планираат да ги употребат тие примероци на плунка за тестирање на стрес-хормонот кортисол за да видат дали има врска меѓу стресот и долговечноста.

Ендру Стептоу и ко-авторот Џејн Вардл резултатите ги објавиле во списанието "Proceedings of the National Academy of Sciences."