Хегел: САД ќе сторат се` што можат да го спречат Иран да дојде до бомба

Разговорите меѓу Техеран и светските сили продолжуваат во Виена
Секретарот за одбрана на САД, Чак Хегел, вели дека Вашингтон ќе стори се` што може да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје, додека продолжуваат разговорите меѓу Техеран и светските сили во Виена.

Ветувањето на Хегел дојде за време на средбата во Ерусалим со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е скептичен за разговорите за иранската нуклеарна програма. Нетанјаху кажа дека Иран се обидува да ја изманипулира меѓународната заедница.

Шефот на Пентагон го увери израелскиот премиер и израелскиот народ во „продолжителната определба на САД да обезбедат Иран да не дојде до нуклеарно оружје“.

Преговарачите од Иран, САД, Франција, Германија, Британија, Кина и Русија се среќаваат во Виена за четврта рунда на разговори чија цел е финализирање на договорот за намалување на иранската нуклеарна програма во замена за релаксирање на санкциите против Техеран. Тие се надеваат да дојдат до договор до 20 јули.