Ова е Давид Кацарава – истакнат анти-руски демонстрант во Грузија – кој беше на демонстрациите против законот за странски агенти на 14 мај. Тој вели дека за време на притворот бил жестоко тепан пет пати и претрпел повреди за кои му е потребна операција.
Подоцна бил ослободен без обвинение. За Гласот на Америка тој изјави дека протестите мора да продолжат - и дека тој ќе им се приклучи.
„Сега имаме изменета реалност и мора да продолжиме да се бориме. Грузија се промени и го смени правецот кон Русија. Мора да се бориме до крај бидејќи во спротивно, ако застанеме, ако се плашиме и останеме дома, тоа ќе биде крај за слободна Грузија“, вели Кацарава.
Новиот закон бара секоја организација што добива повеќе од 20 проценти финансирање од странство да се регистрира како „странски агент“. Критичарите го споредуваат со сличен руски закон.
Фридон Инџиа е меѓу грузиските пратеници кои го поддржаа овој закон.
„Ако државниот буџет треба да биде транспарентен - секое финансирање од странски извори треба исто така да биде транспарентно“, вели Инџиа.
Европската унија предупредува дека законот е некомпатибилен со аспирациите на Грузија за членство во ЕУ. САД воведоа санкции за некои грузиски пратеници.
Законот сега е во сила. Но, неговите противници велат дека тоа е само првата битка.
„Имаме избори во октомври. Овие протести ќе продолжат дотогаш. Нашата цел ќе биде исто како и пред 30 години - да постигнеме суштинска промена. И оваа фундаментална промена е да се отстрани власта, која е застапник на непријателот на нашиот суверенитет и непријател на нашата слобода внатре во земјата“, вели Гига Бокериа од Грузиската европска партија.
Демонстрантите велат дека нема да се откажат. Анкетите спроведени пред усвојувањето на законот за странски агенти покажуваат дека околу 80 отсто од Грузијците го поддржуваат членството во ЕУ.
Протестите кои на почетокот беа поттикнати од законот за странски агенти се претворија во антивладини демонстрации. Прашањето е дали ова ќе прерасне во сила доволно моќна да ја промени идната насока на Грузија, кога гласачите ќе излезат на гласање во октомври.