Груби: Борбата против тероризмот е важно прашање за земја која претендира да стане членка на НАТО

Your browser doesn’t support HTML5

Груби: Борбата против тероризмот е важно прашање за земја која претендира да стане членка на НАТО

Пратеникот во Собранието на Македонија Артан Груби за Гласот на Америка зборуваше и за процесот на промена на Уставот

Артан Груби за Гласот на Америка кажа дека очекува амандманите за измена на Уставот да бидат усвоени во перидот од 9 до 15 јануари идната година. Претседателот на Комисијата за европски прашања и на Групата за пријателство со САД и пратеник во Собранието на Македонија е во Вашингтон како учесник на 12-от Парламентарен безбедносен форум за разузнавање во Сенатот.

Борбата против тероризмот е особено важно прашање за земја која претендира да стане членка на НАТО, ни рече тој по повод престојот во главниот град на САД.

,,Република Македонија е апсолутно засегната по ова прашање. Сведоци бевме низ годините дека всушност Западен Балкан и Југоисточна Европа е маршута исто така и на бегалците кои доѓаа од Блискиот исток кон Европа и поради фактот што ние сме учесници во сите мировни операции заедно со САД и ја поддржуваме коалицијата во борбата против тероризмот. Усвоивме и закон во врска со ова прашање во Собранието на Република Македонија. Имавме апсења во минатите години и продолжуваме со оперативните работи и сметаме дека придонесуваме на сериозен начин во борбата против тероризмот,“ вели пратеникот во Собранието на Република Македонија, Артан Груби.

Апсолутен интерес во Вашингтон е ист како и нашиот интерес, Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ
Артан Груби, Пратеник во Собранието на Република Македонија

Вашингтон е важен стратешки партнер на Македонија и Груби ја искористи посетата да се сретне со конгресмени и сенатори.

„Апсолутен интерес во Вашингтон е ист како и нашиот интерес, Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ и тоа можеме да го постигнеме само преку имплементација на Преспанскиот договор помеѓу Атина и Скопје во врска со уставното име на Република Македонија. Тој процес е веќе започнат со отворањето на Уставот и во тек е јавната расправа“, вели Груби.

Оттука, ДУИ ги поддржува амандманите кои се во постапка за менување на Уставот.

,,Ги поддржуваме апсолутно. Ние сме пионери во напорите на Република Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ и сметаме дека Преспанскиот договор и уставните измени се неминовни за Република Македонија, за да се откочи нашата врата за влез во НАТО и ЕУ,“ вели Груби.

Toj верува дека во првата половина на јануари амандманите ќе добијат зелено светло.