Тројца пожарникари беа повредени при гаснењето на пожарот јужно од Атина.
Властите наредија евакуација на десетици домови во Лагониси, крајбрежната област на 30 километри од главниот град на Грција, откако огнената стихија уништи неколку домови и автомобили.
Властите соопштија дека ветриштата со јачина до 60 километри на час, ги попречиле напорите за гаснење, а температурите во областа достигнале до 35 степени Целзиусови.
Во Албанија, околу 300 пожарникари и воен персонал се обидуваат да стават под контрола 25 нови пожари кои избувнале последниве 24 часа. Дваесетината пожари загрозуваат станбени населби во Тирана, како и во Валона, Дибар, Елбасан и Берат, каде во пламен се огромни шумски површини.
Локалните власти побараа помош од соседите држави Грција и Италија, како и Европската Унија, за сузбивање на пожарите во близина на Тирана и крајбрежјето.
Шумски пожари биле регистрирани и на медитеранскиот остров Корзика.