Писмото коешто грчкиот премиер Алексис Ципрас го испратил до Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд укажува дека Грција е подготвена да прифати поголем дел од условите за да прими нова помош за финансиски спас.
Писмото денес беше споделено со медиумите, непосредно пред телефонската конференција на европските министри за финансии посветена на најновата грчка молба. Тоа укажува дека Грција е подготвена, повеќе отколку што најавуваше претходно, да ги прифати барањата на своите кредитори. На денешниот состанок, министрите за финансии ќе го разгледаат грчкото барање, упатено во последен момент, за помош од 32,4 милијарди долари.
Ова би бил последен обид да се задржи Грција во Еврозоната откако земјата не изврши уплата на ратата од 1,8 милијарди долари од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд во предвидениот рок којшто истече синоќа.
Синоќа, европските министри за финансии решија да не ја продолжат досегашната програма за финансиски спас за Грција што ќе и` овозможеше да ги исполни обврските кон кредиторите. Претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум кажа дека „би било лудо да се продолжи програмата“.