Граѓаните во исчекување на нов ценовен шок

Од петок инспекциите на терен, вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека може да има 5 до 10 отсто поскапување на производите кои имаа гарантирана цена. Од утре повисоки царини за увоз на овошје и зеленчук. Се чека на носењето на Законот за забрана на нефер трговски практики

СКОПЈЕ – Од полноќ престанува да важи владината мерка со која царините за увоз на овошје и зеленчук беа ограничени на 10 отсто а граѓаните ќе може да купуваат стотици производи по гарантираните односно замрзнати цени уште 24 часа бидејќи оваа мерка завршува утре. Од Владата очекуваат поскапување од 5 до 10 отсто додека граѓаните очекуваат дали повисоки цени од петок како во маркетите така и на пазарите.

„Сигурно ќе поскапат. Така беше и минатата година. Никој не ги контролира ниту пак имаат забрана. Товарот повторно е кај нас потрошувачите. Со приходите кои ги имаме тешко и вака се издржува. Од нешто повторно ќе мора да се откажеме“, изјави Марија Тодоровска.

Од утре може да се очекуваат нови цени на дел од зеленчукот и овошјето за кои од средината на септември минатата година царинската давачка беше ограничена на 10 отсто а тоа се кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан, тиквички, домати, краставици и пиперки.

Откако министерството за економија соопшти дека мерката „гарантирана цена“ нема да се продолжи повеќе од извесно е дека од петок нови цени ќе има на дел од млекото, сирењето, кашкавалот, лебот, месните производи, јајцата и тестенините.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најави дека пазарната и трудовата инспекција вонредно ќе се активира од петок и ќе ги проверува цените во дуќаните и маркетите за да нема енормни поскапувања.

„Секое неетичко однесување на кој било еден трговец ќе се казни. Што тоа ќе значи знаеме од минатото. Сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен правење на бизниси и креирање на профит мора да има морал и етика и кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената не е една од мерките која соодветствува со пазарната економија и дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува на бизнисмените и тие соодветно да се однесуваат. И 5 и 10 отсто е општо прифатливо но не може да имаме макарони со 72 отсто рабат како што имаше случаи со други производи“, изјави Битиќи.

Тој ја повика и Комисија за заштита на конкурентноста и Организацијата на потрошувачи да реагираат доколку забележат енормни поскапувања на производи.

Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши, смета дека единствено решение кое преостанува е носењето на Законот за забрана на нефер трговски практики предвидува ограничување на рабат со 10 отсто, казни од илјада до 20 илјади евра како и рок за имплементација од најмногу шест месеци,

Останува прашањето кога Арбр Адеми ќе ја закаже седницата на Комисијата за европски прашања на која треба да се комплетира процедурата за Законот. Според информациите на Гласот на Америка тоа треба да биде во наредните денови откако на денешната пленарна седница во Собранието законот помина во прво читање.