Граѓаните по седми пат избираат претседател на државата, почна гласањето во првиот круг

Од Државната изборна комисија (ДИК) соопштија дека сите избирачки места на територијата на државата се отворени навреме. / Гласач го дава својот глас на избирачко место во Скопје

Сите избирачки места се отворени навреме а излезноста до 9.30 часот е над 3 отсто. Од ДИК и од МВР соопштија дека засега не се регистрирани никакви нерегуларности во изборниот процес

СКОПЈЕ – Со отворање на 3.480 избирачки места во 7 часот изутрина почна првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија. Во трка за кабинетот во Вила Водно се седум кандидати. Денешниот прв круг ќе го минат двајцата кои ќе освојат најмногу гласови од граѓаните а вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Од Државната изборна комисија (ДИК) соопштија дека сите избирачки места на територијата на државата се отворени навреме и дека засега не се регистрирани нарушувања или проблеми во избирачкиот процес. Во ДИК се пријавени одредени технички проблеми, но тие тековно се решаваат а доставени се и. До ДИК се доставени и 12 приговори за заштита на личното избирачко право, кои во моментов се обработуваат.

„До 9 часот утрово се пристигнати податоци за гласањето од вкупно 832 избирачки места. Излезноста, според овие податоци, е 3,85 отсто. Од вкупно 402 748 избирачи на овие избирачки места, гласале 15 487. Досега не се пријавени поголеми неправилности, освен некои технички проблеми кои се решаваат „во од“ “, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Претседателски избори, прв круг, 24.04.2024. Гласање и гласачи на избирачки места

Од МВР исто така потврдија дека засега не се регистрирани никакви нарушувања на изборниот процес и дека безбедносната состојба е стабилна. Ситуацијата ја следи Кризен штаб формиран во содејство со Јавното обвинителство, зголемен број на полициски службеници се распоредени на терен а зајакнат е и распоредот на дежурства на обвинителите за да се покрие територијата на целата држава.

Поради новонастаната ситуација со документите за лична идентификација граѓаните денес можат да гласаат со важечки документ за лична идентификација, со лична карта и патна исправа со старото уставно име на државата „Република Македонија“ и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите односно 24-ти јули 2023 година.

МВР, како и на сите изборни процеси досега, и денес издава документи за идентификација кои граѓаните во сите градови низ државата може да ги подигнат во просториите на одделот за управни работи.

Претседателски избори 2024

Вчера гласаа дијаспората, старите и изнемоштени и осудениците. Од ДИК најавија дека резултатите од гласањето ќе ги соопштат вечера а за вчерашното гласање објавени се податоци околу излезноста. Во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) беа пријавени 2.569 македонски државјани, 6.935 болни и изнемоштени од кои своето право на глас го остварија 94 отсто или 6.543, 1.380 од регистрираните 2.147 осуденици или 64 отсто и 208 лица сместени во центри за вон семејна грижа од пријавените 250 или 83 отсто.

Првиот круг на претседателските избори го следат 915 домашни и 628 меѓународни набљудувачи, како и на 38 странски новинари.

Гласањето ќе трае до 19 часот кога се затвораат изборните единици.

Според официјалните податоци на ДИК во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 гласачи со право на глас за претседателските избори, а 1.713.758 избирачи имаат право на глас во државата според заклучениот избирачки список на ДИК.