Граѓаните најмалку им веруваат на обвинителството и судството, покажа истражување на „Евротинк“

Според анкетата, оваа година највисока доверба е изразена во армијата – речиси 44 отсто од испитанците имаат доверба во армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто и претседателот на државата со 24 отсто

Армијата со најголема, а судството и обвинителството со најмала доверба кај граѓаните. Тоа се наодите во истражувањето на јавното мислење на „Евротинк“ спроведено до средината на февруари на примерок од 1 000 испитаници.

Меѓу армијата и правосудството, според довербата, распоредени се претседателот, верските заедници, владата, собранието, полицијата кај која се забележува позитивен тренд.

„Оваа година највисока доверба е изразена во армијата – речиси 44 отсто од испитанците имаат доверба во армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, претседателот на државата со 24 отсто, додека обвинителството и судството се најслабо оценети. Кај полицијата изразена е доверба од 28 проценти, што претставува раст од претходното истражување во 2022 кога довербата во полицијата била 21 отсто од испитаниците“, вели Александар Стојановски од „Евротинк“.

Половина од испитаниците одговориле дека полицијата би ги заштитила во ситуација кога нивната безбедност би била загрозена.

Наодите на истражувањето укажува дека партиската припадност има влијание врз формирањето на чувство на безбедност – 87,4 отсто од поддржувачите на СДСМ сметаат дека ќе бидат заштитени, додека тој процент кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ изнесува само 25.

Your browser doesn’t support HTML5

28 проценти од граѓаните имаат доверба во полицијата - што друго покажа нова анкета на Евротинк?

Но, од друга страна граѓаните покажуваат зголемување на незадоволството од работата на управните служби на МВР што се должи на метежите и проблемите во издавањето на личните документи со новото уставно име.

„Во врска со работата на управните служби годинава само 20 отсто од испитаниците изразиле задоволство, додека во 2022 година процент бил дури 50 отсто. Тоа е едно од поголемите отстапувања во споредба со минатите години“, рече Стојановски.

Токму проблемот со личните документи и нивната навремена замена можеше да се одрази и врз претстојните двојни избори.

Затоа, Собранието на почетокот на март во брза постапка ги усвои измените на Изборниот законик, со кои се овозможува граѓаните да гласаат со лична карта или пасош кои истекле во периодот од девет месеци до денот на одржувањето на изборите.