Со положување на цвеќиња и венци пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ денес се одбележа 121 година од смртта на Гоце Делчев, апостолот на револуционерната борба за слободна и независна Македонија.
Свежо цвеќе положи актуелниот претседател Стево Пендаровски, и неговата противкандидатка во вториот круг на претседателските избори Гордана Силјановска-Давкова. Државни и партиски делегации како и граѓани се поклонија пред гробот на великанот.
Your browser doesn’t support HTML5
Државно политичкиот врв со пораки за обединување и продолжување на патот и наследството на Делчев.
„Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, Делчев за македонскиот народ претставува стожер врз кој денес ја градиме нашата државност и самобитност. Слава му!“, напиша Пендаровски на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Пораката на Давкова е дека борбата за македонска држава не смее да запре.
„Никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други што ги удриле темелите на македонската држава. Денот на смртта на Делчев нè потсетува колкава е жртвата на нашите предци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава. Истовремено, овој ден паметник е можност да им оставиме аманет на идните генерации да ја продолжат борбата за македонска држава која никогаш не запира. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или да ги менуваме расипаните делови за, куќата наречена Македонија, да биде функционална и удобна за сите“, напиша Давкова.
Во Собранието, традиционално беа врачени државните награди „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката.
Оваа година беа доделени две награди а ги добија проф. д-р Иван Додовски и на проф.д-р Роберт Хадсон, за научниот зборник „ Долгата транзиција на Македонија , од независноста до Преспанскиот договор и потоа“ и на д-р Ана Мартоноска и на м-р Жарко Ивановски, за монографијата „ Тажачки песни од скопскиот земјотрес 1963, од архивските материјали на Васил Хаџиманов“.