Мирна атмосфера, без поголеми чекања и брзо спроведување на постапката. Таква слика видовме низ гласачките места во скопската општина Аеродром, која е една од најбројните во државата.
„Почнавме во седум часот. Од почетокот немаше некоја голема излезеност. Но, потоа луѓето почнаа да доаѓаат. До сега (11.30 часот) имаме некои 26.2 отсто излезеност“, ни изјави Горан Никовски, заменик претседател на избирачкиот одбор на гласачко место број 2695.
Your browser doesn’t support HTML5
Во слична атмосфера се одвива гласањето и низ другите гласачки места на денешниот прв круг од седмите претседателските избори.
SEE ALSO: За шест проценти зголемена излезноста во првата половина од денот споредено со изборите во 2019„Гласањето се одвива беспрекорно. Со засега задоволителна излезеност. Имаме околу 11-12 проценти излезеност. Околу 40-50 гласачи до сега (до 10.30 часот)“, ни изјави Валентина Терзиева, претседателка на избирачки одбор на гласачко место 2676.
Проблемите беа мали, а и да имавме некој проблем, тука имаше техничка поддршкаГоран Никовски, член на избирачки одбор
Засега проблемите со кои се соочуваат изборните комисии се мали и се од техничка природа. Претежно се поврзани со функционирањето на опремата за читање отпечатоци од прсти. Во случај кога читачот не може да ги препознае отпечатоците, се применуваат и рачни проверки и евиденции за гласањето.
„Проблемите беа мали. Немавме некои посериозни. И, да имавме некој проблем, тука имаше техничка поддршка и сето тоа се решаваше во самиот момент“, изјави Никовски.
Македонските граѓани, со кои разговаравме, посакуваат новиот претседател или претседателка да придонесат за подобра иднина на македонското општество.
„Да продолжат со интеграциите за НАТО и Европа“, ни изјави еден од жителите на Скопје.
Друга жителка на Скопје, очекува новиот претседател да помогне во функционалноста на државните институции.
„Бидејќи ништо не функционира, да почне државата да функционира. Здравството, образованието, судството“, додава жителка на Скопје.
Бидејќи ништо не функционира, да почне државата да функционираЖителка на Скопје
Друг, пак, додава да се стави фокус на македонскиот идентитет.
„Ние сме во Македонија. Треба да си останеме Македонци во Македонија“.
Некои од гласачите сметаат дека функцијата претседател треба да добие и поголеми ингеренции.
„Мислам дека тука нешто треба да се измени. Да биде претседателски систем, а не извршната власт да биде главна. Тоа треба да се смени. На овој начин сега е само како фигура која не може ништо да направи“, вели Надица Калеска, жителка на Скопје.
Од избирачките комисии ги повикуваат граѓаните да излезат на гласачките места во што поголем број.
„Да си го исполнат своето демократско право. Да дојдат да гласаат. Изборите да поминат мирно и да поминат во најдобар ред“, вели Терзиева.
„Да излезат во што поголем број. Ние ги чекаме и ќе им помогнеме да се снајдат што е можно полесно“, додава членот на избирачкиот одбор, Никовски.
До 15 часот на гласање излегле 34,06 проценти граѓани, а гласале вкупно 566.073 лицаДИК
Државната изборна комисија, на прес-конференцијата во 13.00 часот, соопшти дека гласањето за избор на претседател на државата досега се одвива мирно на сите гласачки места.
До 15 часот, пак, според интернет страницата на Изборната комисија, на гласање излегле 34,06 проценти граѓани, а гласале вкупно 566.073 лица.
Во ДИК, засега, биле доставени 140 приговори за заштита на избирачко право. Од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас.
Засега, регистрирано е едно полициско приведување поради прекршување на изборните правила, а се случило во Охрид. Како што соопшти тамошното СВР, бил приведен 48-годишен гласач (А.И.), зашто го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
Од МВР апелираа до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.