„Треба за оваа држава неписмен човек, можеби повеќе ќе ја оправи, а писмениот кради. Украдоа до каде најдоа, нe’ одраа. Тие што не земаат ништо, не мора да живеат, а тие што имаат да примаат повеќе. Не е ова убаво, треба да гледаат малку како се живее во европските држави и ние така да тргнеме“, вели жителка на Струга.
Граѓаните сметаат дека владината мерка за намалување на маржата на прехранбените производи за 10 отсто, не ги дава посакуваните резултати. Велат дека не забележуваат намалување на цените и оти и понатаму јадат скапи производи.
„Овие цени се израмнети со странските држави. Ги редат жолтите лисја, а цените исти, и секој ден по некој денар редат. Какво намалување, поскапување има на цените. Ако можам да отидам таму и тоа да и го докажам на Владата што постои“, додава жителката на Струга.
„По некои намалувања има. Но, не е она што треба да е, малку е. За нашите примања малку е. Пет денари, два денари, три денари. Седумдесет и седум денари, десет јајца сега ги купив, а и пред еден месец ги купив. Сега ја имаме истата цена“, вели жител на Струга.
„Јас сакам да кажам дека намалување нема. Беше 29 денари лебот, сега е 32 денари. Им реков зошто правите така, не знам ни рекоа. Да не зборуваме за другите артикли. Ова е само лага. Ќе поевтини ова, ќе поевтини она, ништо не е поевтино. Се’ е поскапено“, смета жител на Струга.
„Во основа, цените се тука. Мислам дека се високи. Јас имам солидна пензија, но има луѓе кои имаат ниски примања и не знам како поминуваат“, вели жителка на Струга.
„Нема ништо намалено. Се’ можат да кажат, но ништо не е намалено. Тешко на луѓето кои живеат на оваа плата. Пензионер сум, но имам странска пензија и за мене нема проблем, но за овдешните тешко“, додава жител на Струга.
„Нема ништо намалување на цената. Не знам од каде таа информација. Она што се кажува на парламентот треба да биде овде на лице место, да видат дали е намалено или е покачено. Јас сега ќе одам да земам едно пиле кое беше 285 денари, а и денес е толку. Нема намалување. Тоа е само на лист“, тврди друг жител на Струга.
„Какви се цените по маркетите? Исти, како што беше порано. Мора да штедиш. Се’ да купиш не можеш, скапо е се’. Трговците вршат многу манипулација. Многу производи се поскапени, не се намалени“.
Но, премиерот Христијан Мицкоски вели дека е задоволен од мерката намалување на маржата за 10 проценти и оти продолжуваат посветено да работат за граѓаните за подобар животен стандард.
„Во некои маркети има и шпекулативно однесување, но таму каде што се намалени цените, се намалени со оваа таканаречената есенска кошничка некаде и повеќе од 10 проценти“, рече тој.
Според Сојузот на синдикатите, минималната потрошувачка кошничка за месец септември за едно четиричлено семејство, изнесува 61.304 денари, што е зголемување за 107 денари, во однос на август.