Иванов до ЕУ: На Македонија и` е потребна помош за да ви помогне вам

Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа, рече македонскиот претседател на обраќањето на Самитот за бегалци во ОН

Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување помеѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата, рече претседателот Иванов.

„Третите“ земји, според него, се на географска позиција која ги контролира портите на коридорите.

Иванов рече дека на Европската Унија и се потребни стабилни и безбедни трети земји кои се способни да ги заштитат коридорите.

За шефот на државата, Македонија има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза.

„Ние бевме првата држава која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на границата, формирајќи и заеднички воено-цивилен главен штаб за да се зголеми заштитата на границата и да се канализира движењето на мигрантите, без нивно навлегување во градовите каде би можеле да имаат контакт со радикализирани лица или повратници од конфликтните подрачја“, оцени претседателот Иванов.

Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа, нагласи Иванов. „Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултираше со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор“, потенцираше првиот човек на македонската држава.

„Македонија е без пристап до базите на податоци на ЕУ за внесување и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци и под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на Унијата“, нагласи Иванов.

„Сакам да упатам порака до Европската Унија: На Македонија и` е потребна помош за да ви помогне вам“, изјави Иванов.

Според него, Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. „Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено. Ние немаме ниту капацитет, ниту ресурси за да се справиме со очекуваниот обем на мигранти“, изјави шефот на државата Ѓорѓе Иванов на излагањето на Самитот за бегалци во Њујорк.