Патот кон ЕУ ќе зависи од борбата против корупцијата и од владеење на правото, порача Сузане Шуц, директорка за Западен Балкан на Германија

Работиме на финализирање на преговарачката рамка, со цел да ја усвоиме и да ја одржиме првата меѓувладина конференција за време на претседавањето со Советот на ЕУ, рече таа

Напредок во областите на владеење на право, борба против корупцијата и слобода на медиуми, ќе биде одлучувачки во пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, изјави Сузане Шуц, директорка за Југоисточна Европа во Германското министерство за надворешни работи, во интервју за Гласот на Америка.

Шуц зборува за можната бугарска блокада на европската интеграција на државата, велејќи дека прашањето за историјата треба да се остави на историчарите, а двете држави да ги решат отворените прашања во рамки на билатерaлниот договор.

Северна Македонија е претседавач со Берлинскиот процес, заедно со Бугарија, и е прва земја кандидатка да биде на чело на оваа иницијатива. Според ваше мислење, дали ова претседателство ќе ѝ помогне на државата во отворање на преговарачките поглавја?

Ние го поздравуваме фактот што во 2020, за првпат, Северна Македонија, заедно со Бугарија, претседаваат со Берлинскиот процес. И покрај пандемијата на ковид-19, државите покажаа истаканото регионално раководство со процесот. Очекуваме дека годинешниов Берлински Самит, со Северна Македонија и Бугарија како домаќини, ќе го донесе следниот клучен чекор во регионалната економска соработка. Најважното достигнување на Самитот би било лансирање на следната фаза на регионалната економска зона, преку овозможување на „четирите слободи“ во регионот, слободен транспорт на стоки, услуги, капитал и луѓе. Овој главен проект за целиот регион е поддржан од ЕУ и од земјите-членки, политички и преку значајни финански придонеси. Што се однесува до пристапниот процес на Северна Македонија, работиме на финализирање на преговарачката рамка, со цел да ја усвоиме, и да ја одржиме првата меѓувладина конференција за време на претседавањето со Советот на ЕУ. Реформите во Северна Македонија ќе утврдат колку брзо ќе можеме да се движиме напред во пристапните преговори со ЕУ. Зголемен напредок во областите на владеење на право, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и во слободата на медиумите, ќе биде одлучувачки во пристапниот процес.

Кои се очекувањата на Германија од државата за време на овој процес, со цел да се осигура чист пат кон Европската Унија?

Бугарија и Северна Македонија ставија конкретен акцент на проширување и продлабочување на регионалната економска соработка за време на нивното претседавање со Берлинскиот процес. Подлабока економска интеграција на регионот, во согласност со стандардите на ЕУ, ќе го забраза пристапниот процес. Назначувањето на вицепремиер за борба против корупцијата го гледаме како охрабрувачки знак дека Владата останува посветена на реформскиот пат. Патот напред секако ќе зависи од натамошните реформи, иницирани и имплементирани од новата Влада на Северна Македонија. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија и другите држави од Западен Балкан на реформскиот пат кон ЕУ.

Бугарија најави можна блокада на европската интеграција на Северна Македонија околу интерпретацијата на зедничката историја. Би требало ли билатералниот спор да биде дел од преговарачката рамка за Северна Македонија? Кој е ставот на Германија?

Како што веќе кажав, во моментов се работи на преговарачката рамка. Нацрт-рамката предолжена од Европската комисија на први јули, ја истакна заложбата за добрососедски односи и поблиска регионална соработка. Дополнително, ја истакнува важноста да се постигнат конкретни резултати, и да се имплементираат билатералните договори во добра волја, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Бугарија отсекогаш била силен поддржувач на амбициите на Северна Македонија кон ЕУ. Оттаму, формулата која ја договорија премиерите Заев и Борисов останува валидна: прашањето за историјата треба да се остави на историчарите. Двете држави треба да ги решат отворените прашања во рамки на билатералниот договор, на пример, преку историската комисија. Уште повеќе, копреседавањето со Берлинскиот процес оваа година е одлична можност да се адресираат билатералните разлики, да се продлабочи соработката во регионот на Западен Балкан, и да се зголеми билатералната доверба.

Постои загриженост дека руското влијание, како и корупцијата, блиски врски на бизнисот и политиката и лажните вести, ќе продолжат да го поткопуваат системот и евроинтегративниот пат на државата. Што е важно да направи новата Влада за да го спречи ова?

Северна Македонија и другите држави на Западен Балкан се во фокус на бројни влијателни држави надвор од ЕУ. Ова го истакнува геополитичкото значење на регионот за група актери, чии интереси и политички пристапи, обично, во голема мера, се разликуваат од нашите. Секоја држава има лигитимни интереси кога се работи за добри надворешни односи и меѓународна соработка. Истовремено, слабоста на институциите, масовната корупција, и недоволно развиениот медиумски сектор, се полесни за влијание од страна на дезинформативните кампањи, или други влијанија, кои не се во корист на националниот интерес. До Владата на Северна Македонија е да ја зголеми отпорноста кон таквото влијание. Ова се однесува на борбата против корупцијата и организираниот криминал, или справување со лажните вести и дезинформации. Доброто владеење и реформи кои зацврстуваат владеење на право, не само што му служат на националниот интерес, туку и ќе го забрзаат пристапување на Северна Македонија во ЕУ.