Охрид барем за миг наликуваше на европските метрополи, откако во овој период од годината се организираат традиционалните божиќни маркети. Германска храна, колачи, новогодишни ракотворби, сувенири и разни други производи, изработени од учениците од основните и средни училишта од Охрид, можеа да се вкусат на предновогодишниот германски базар, кој имаше и хуманитарен карактер. Се приготвуваа дури и безалкохолни коктели.
„На овој предновогодишен базар можеме да видиме најразлични изработки на наши ученици со помош на нивните родители. Тоа се разни украси, разни германски производи, кои се продаваат на предновогодишните и божиќните базари низ Германија, Австрија и Швајцарија, онаму каде јазикот се зборува пошироко и каде производите бесплатно се делат од дете на дете“, рече Ивана Арнаудова, наставничка по германски јазик.
„Идејата беше да ја пренесеме предновогодишната магија од европските метрополи, пред се на германските метрополи, тука во Македонија. На предновогодишните празници најмногу им се радуваат децата, а ние како наставници по германски јазик, сме тука само за нив“, рече Габриела Темелкоска, претседателка на Здружението на наставници по германски јазик
Идејата е овој настан да прерасне во традиционален и да се одржува неколку дена.
„Идејата ни е таа да може германскиот пред новогодишен базар, да го организираме повеќе денови, доближувајќи се и до нашиот Божиќ. На учениците, на часовите по германски јазик но и за подготовката за овој базар, моравме да им ја доближиме германската традиција, како Германците приготвуваат за новогодишните и божиќни празници“, рече Ивана Маховска Шикалеска,наставничка по германски јазик.
„Ова се случува по иницијатива на наставниците по германски јазик во Охрид и ние сме среќни што учениците се мултипликатори и тоа го пренесуваат на пошироката публика“, рече Гордана Вугерт Бабовска, координаторка за образовна соработка во Гете институт од Скопје.
Сите што дојдоа беа задоволни од новогодишната магија. Ги прашавме што значи за нив ова.
„Радост и забава пред се. И, сметам дека е нешто што треба да се прави секоја година и да се негува“, рече ученичката Миа Боздоганоска.
„Јас се чуствувам како да сум на некој божиќен пазар во Европа, на некој голем настан и ние дојдовме тука за да ја доживеме таа магија“, рече ученичката Дора Вуковиќ.
„Ни се допадна се, убаво е. Се чувствуваме како да сме во некој голем град во Еврола, бидејки е прекрасно украсено. Ние дојдовме од Основното училиште „Коле Канински“ од Битола“, вели ученичката Марија Николска.
Се слушаше германска музика, а се играа и традиционални германски танци.