Бела куќа: Трамп останува определен да ги повлече војниците од Сирија

Оваа порака уследи откако францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека е убеден оти Трамп ќе ги задржи американските војници

Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, оцени дека мисијата е непроменета. Претседателот сака американските војници да заминат од Сирија што е можно поскоро, изјави доцна синоќа Сандерс.

Таа додаде дека САД сакаат целосно уништување на Исламска држава, и бараат начин да бидат запрени за да ја повратат силата.

Шефот на француската држава Емануел Макрон, за француските медиуми, изјави дека го убедил претседателот Трамп на подолг временски ангажман во Сирија, откако претходно, пред 10-тина дена, првиот човек на САД инсистирал повлекување од Сирија, што е можно побрзо.

Ваквите изјави доаѓаат два дена откако САД, Британија и Франција, спроведоа воздушни напади врз арсеналот со хемиско оружје на Сирија.

Во меѓувреме, Русија објави дека нема да ја попречи работата на мисијата на ОН, која спроведува истрага за евентуалното користење на хемиско оружје минатата недела во близина на Дамаск.

Организацијата за забрана за хемиско оружје има свој тим кој истражува што се случило во Дума, Сирија.

За денеска, во седиштето во Хаг, свикана е итна седница за дискусија за наводите. Шефицата за надворешна работи на ЕУ Федерика Могерини рече дека има јасна потреба од обид за повторно заживување на мировниот процес во Сирија, под покровителство на ОН.

Таа ги повика Русија и Иран да го искористат влијанието врз сирискиот претседател Башар ал Асад, за да започнат како што ги нарече „сериозни и конструктивни“ дискусии во Женева.

Денеска САД се очекува да воведат нова рунда санкции врз Русија. Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, најави дека мерката ќе биде насочена кон сите компании кои продаваат опрема, поврзана со хемиското оружје на Асад.

Таа за ТВ-мрежата „Фокс“, изјави дека предупредува лидерот на Сирија, оти САД ќе лансираат нови воздушни напади, ако повторно изврши напад со хемиско оружје врз својот народ.