Убиен осмислувачот на нападите во Париз

Абделхамид Абауд, е меѓу неколкумината застрелани во седумчасовната полициска рација во средата.

Француските обвинители потврдија дека осомничениот осмислувач на минатонеделните напади во Париз, Абделхамид Абауд, е меѓу убиените во полициската рација во средата.

Во соопштението од канцеларијата на францускиот обвинител се вели дека безживотното тело на Абауд, Белгиец, со мароканско потекло, било пронајдено во апартманот којшто беше цел на седумчасовната полициска рација во Сеинт–Денис, предградие на север од Париз. 27 или 28-годишниот Абауд бил идентификуван преку отпечатоци на прски.

Во акцијата биле уапсени најмалку осум лица, а жена, подоцна идентификувана како роднина на Абауд, се самоубила.

Обвинителот Франсоа Молинс по рацијата во средата изјави: „Неутрализиран е нов терористички тим, а оружјето, организационата структура и сите индикации укажуваат дека групата подготвувала дополнителни напади“.

Рацијата била извршена на околу два километра од фудбалскиот стадион, едно од местата на петочните напади, каде се наоѓал и францускиот претседател Франсоа Оланд.

Француските законодавци денеска гласаа да ја продолжат вонредната ситуација, објавена во петокот, за уште три месеци. Мерката ја одбри Националното собрание, а Сенатот се очекува утре да гласа по неа.