Хуманост од мали нозе

Децата можеби најдобро учат преку директно учество. Една мајка од сојузната држава Мериленд го имаше тоа на ум кога основа хуманитарна организација – „Храна на 15-ти“, која им помага на оние во соседството кои имаат помалку од другите.

На 15-ти секој месец, во основното училиште Поинт Ран во Мериленд врие како во кошница. Учениците ја сортираат донираната храна, ја пакуваат и ја доставуваат до постари лица со ниски примања. Џули Розентал ја основала хуманитарната организација пред шест години.

„Сакав да ја научам ќерка ми и другите на важноста да им се помогне на оние кои имаат помалку“, раскажува Розентал.

Ќерка и` Џени Мендл тогаш била во петто одделение. Сега има 15 години и се` уште помага.

„Мислев дека храната доаѓа од фрижидерот, а парите растат на дрво. Не знаев дека во нашата општина има луѓе кои гладуваат, едвај врзуваат крај со крај“, вели Мендл.

Децата во организацијата на 15-ти секој месец доставуваат храна на оние чија пензија не им дозволува голем избор.

„Јас сум на строг буџет. Со оглед на цените во продавниците, помошта е од огромно значење“, објаснува Линда Тестерман, која додава дека насмевката на децата - подеднакво помага.

На почетокот, организацијата оперирала од едно училиште и доставувала 30 пакети помош во храна. Денес вклучува 10 училишта, неколку цркви, а досега има доставено преку 12.000 пакети.

„Тоа е моќта на едното. Луѓето не увидуваат колку е голема – еден пакет повеќе, еден оброк повеќе. Еден човек може да направи разлика“, коментира Розентал. Таа сака да ја развие организацијата ширум Мериленд, и, зошто да не, целиот свет.