„Ова што сега го гледаме е вистински моментум во проширувањето. Сакаме Западен Балкан да и се приклучи на ЕУ и за тоа да се случи вие треба да се подготвите и ние треба да се подготвиме“, ова е пораката на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Your browser doesn’t support HTML5
Освен што повтори дека местото на регионот е во Унијата, Урсула фон дер Лајен, денеска во Скопје, испорача неколку пораки. Главната – за потребата од уставни измени.
„Апсолутно сум убедена дека еден ден ќе ја пречекаме С Македонија, со нејзиниот уникатен идентитет, јазик... Сега веќе имаме 24 различни јазици во Унијата и еден ден ќе го вброиме и македонскиот јазик меѓу нив. Северна Македонија веќе постигна многу. Моја желба е да продолжите – процесот на скрининг си движи `мазно`, преговарачките тимови одлично работат. Имаме намера да ги отвориме преговорите за кластерот -„фундаменти“ оваа година и знам дека можеме. Свесна сум за процесот на уставни измени – првите чекори беа преземени во парламентот и тоа е добра вест, а сга се надевам дека сите партии ќе ја искористат можноста за напредок зашто сега во ЕУ навистина има моментум за процесот за проширување и важно е тој момент да се `фати`. Знам дека има многу предизвици во воие процеси и сигурна сум ќе успеете да ја потврдите репутацијата на успешно мултиетничко општество“, рече фон дер Лајен.
Втората порака и беше дека паралелно мора да продолжат и реформите, пред се во делот на независноста на правосудството и борбата со корупцијата.
Трета порака е дека Унијата ќе продолжи економски да го поддржува регионот и земјава. Според шефицата на ЕК, намерата на Брисел е во наредните десет години да се удвои обемот на македонската економија. Но, беше јасна дека натамошните чекори зависат од измените на Уставот, процес заглавен во парламентот. Што ако тоа не се случи до крајот на годината, како што е предвидено?
„Северна Македонија е суверена земја која сама си ги носи одлуките. Така што, изборот е ваш и затоа се надевам дека сите страни ќе го искористат моментот и ќе ги поддржат уставните измени зашто станува збор за вашата иднина и сите партии имаат одговорност за иднината. Ние ја сакаме Северна Македонија во ЕУ“, порача таа.
„При секоја посета се среќавам само со шефови на држави или влади“ – беше нејзиниот одговор на прашањето зошто нема состанок со шефот на опозицијата, Христијан Мицкоски, од кого зависи мнозинството во парламентот потребно за усвојување на уставните измени.
И нејзиниот домаќин прати нов повик до спротивниот политички табор. „Не правете политички рејтинг за сметка на државата“, му порача Ковачевски на Мицкоски.
„Ние имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Јас се надевам дека оние кои секогаш во историјата биле против европските и атлантските интеграции на држава конечно за прв пат во своето политичко постоење ќе покажат во Парламентот дека се за европска иднина на државата. Сега има отворен прозорец и таа шанса треба да се искористи. Сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце пред сегашните и идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, не се прави политчки личен рејтинг. Со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм кој го гледавме 11 години во држава“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Со посетата на Скопје фон дер Лајен ја почна турнејата низ земјите од Западен Балкан. Наредна станица и е Приштина, утре е во Подгорица од каде заминува за Белград, а мисијата и завршува в среда во Сараево.